Имал ли право новинарот Љупчо Златев да објави аудио-снимка, на која јасно се слуша како Курто Дудуш, градоначалник на Шуто Оризари, физички и психички малтретира свој сограѓанин?
Мојот став за ова прашање сум го соопштил многу пати – не, снимки и други материјали прибавени на незаконит начин, не смеат да бидат објавувани јавно, ниту да бидат во чиј било посед, а најмалку, пак, да бидат користени во судски постапки!
Категорично изјавувам дека својата снимка за Дудуш, новинарот Златев не би можел да ја објави во медиум каде што јас одлучувам што и како ќе се објави. Да, тој би можел да ја раскаже приказната за овој страшен настан и да ја опише суштината на она што го содржи инкриминирачкиот материјал, но самата снимка никако не би можел да ја објави.
Зошто? Едноставно, затоа што неовластеното снимање и објавувањето на такви снимки се кривични дела. А новинарите во својата работа не смеат да вршат кривични дела и други активности што не ги дозволуваат законите и новинарскиот кодекс.
Но, има тука едно значајно „но“…
Зборуваме за инкриминација која се однесува на сите граѓани, а не само на новинарите. Во македонската политичка пракса, за жал, се направи еден крупен преседан: во името на „јавниот интерес“ (кој е неспорен) се дозволи јавно да се објавуваат аудио-снимки од масовното незаконско прислушување на граѓаните, а потоа истите снимки станаа докази во истражни и судски постапки. Прекршени се и Кривичниот законик и Законот за кривична постапка.
Е сега, ако критериумот „јавен интерес“ важи за политичарите, мора да важи и за новинарите, вклучувајќи го и младиот Златев, без оглед што момчето е од медиумскиот табор што во изминатата деценија не се прослави со почитување на законите и на новинарската етика. Како и да е, сега никој не смее да го осудува, а уште помалку да му се заканува на новинарот поради објавите. А тоа што Златев бил предмет на закани од самиот Дудуш, е тоа веќе е скандал што треба принципиелно да го осуди целата новинарска заедница.
Од љубопитство, се разбира, ја преслушав и јас таа снимка и морам да ви кажам дека сум апсолутно вџашен од она што го слушнав. Снимката е налик на оние сцени од филмот „Балкански шпион“, кога параноикот Илија Чворовиќ (легендарниот Данило Бата Стојковиќ) и неговиот брат Ѓуро (Звонко Лепетиќ), го испрашуваат несреќниот „шпион“ Петар (Бора Тодоровиќ). Ѓуро има краток фитил и ќе го претепа сиротиот Петар, а Илија потоа го убедува „шпионот“ да признае, да се пријави во полиција и го теши: „…А онда Ѓуро ќе ти опростити што те је туко“. Се сеќавате ли на таа сцена?
Снимката е сведоштво за неверојатно насилничко однесување на еден градоначалник, како и за страшното понижување на неговата жртва. Просто е неверојатно како тој Дудуш веќе не е во притвор, како против него сѐ уште не е покренато обвинение.
Се прашувам, како е можно вакво нешто да се случува во едно цивилизирано општество? Добро, Шуто Оризари е тоа, каде сѐ е можно, ама сепак… Баш сѐ?! Како е можно после ваков скандал за овој насилник да нема никакви санкции? До нас ли е, добри луѓе? До тој Курто ли е?
Не, другарчиња, не е до Курто, до Мурто е. Нека ми простат неговите верни фанови, ама јас мислам дека до нашиот премиер е. До човекот кој сака да се прикаже како скромен, вреден и искрен човек, по потекло од Муртино, нели, кој сепак мора да сфати дека историјата му доделила многу посериозна улога, го опремила со голема моќ, но со тоа и со уште поголема одговорност за севкупните состојби во државата.
Јас од тој Курто не очекувам ништо. Тој е класичен насилник! Јадна е таа партија што го има во своите редови! Но, од Мурто, од нашиот простодушен Муртинец со политички гениј во себе (иден нобеловец, нели), како што му е скроен имиџот, навистина очекувам многу повеќе. Во случајов, на пример, очекувам да му се јави на насилникот Дудуш и да му каже дека од него бара итна и неотповиклива оставка. Очекувам да ги поттикне органите на прогонот да го расветлат овој прилично јасен и веќе јавно документиран случај, па да покренат соодветна кривична пријава, а потоа и обвинение против Курто, за судот да го осуди според законот.
Многу ли очекувам?
Не знам, можеби е многу… Наместо да се подигне прагот на толеранција на власта кон ваквите појави, како што си ветувавме додека заедно се боревме против режимот на Груевски, а за слобода и правдини, се спушти прагот на чувствителност за злоделата на „нашите“. Сѐ повеќе луѓе се спремни да толерираат насилство, корупција, рекет, непотизам, клиентилизам и други девијантни појави, ако ги прават „нашите“ и во име на „нашата кауза“.
Та што ако Курто „наш“ претепал таму некој копук? Па зарем за тоа да даде оставка? Што ако после ослабне коалицијата? Сакате Никола да ни се врати на бел коњ? Сакате ВМРО-ДПМНЕ да ја освои власта? Затоа ли мрчите?
Е другари и другарчиња, да знаев дека работава ќе биде Курто-Мурто, јас немаше со толкава страст да се борам за промените што се случија и да сонувам едно многу поинакво, послободно и поцивилизирано општество. Признавам, се чувствувам измамен и дури и понижен. Баш како Курто мене да ме тепал и потоа да ми простил што морал да ме претепа.