Еднопартиска влада на Нова демократија и влез во Парламентот за пет партии е предвидувањето на агенцијата за рејтинг Metron Analysis во истражувањето на јавното мислење спроведено за весникот „То Вима“ во пресрет на парламентарните избори во Грција на 7 јули, јави дописничката на МИА од Атина.
Опозициската Нова демократија добива 38,5 отсто и има 9 отсто предност во однос на СИРИЗА која е со 29,5 отсто. На трето место е Движењето на промена со 8 отсто, а потоа следат Комунистичката партија со 5,2 отсто и Златна зора со 3,5 отсто.
Партиите Грчко решение на Кирјакос Велопулос и МЕРА25 на Јанис Варуфакис, според истражувањето на Metron Analysis за „То вима“ не успеваат да ја достигнат потребната граница од 3% за влез во Парламентот.
Според рејтингот што произлегува од анкетата, основното сценарио е Нова демократија да добие доволен број на пратеници за да формира еднопартиска влада, а распоред на силите во Парламентот е следниот:
Нова демократија: 164 пратеници
СИРИЗА: 87 пратеници
Движење на промена: 24 пратеници
Комунистичка партија: 15 пратеници
Златна зора: 10 пратеници
Од анкетираните 44 отсто посакува еднопартиска влада, а 51 отсто коалициска влада.
На прашањето „кој е најсоодветен за премиер?“, Кирјакос Мицотакис добива 28 отсто, а Алексис Ципрас 23 отсто.
Photo: EPA / YANNIS KOLESIDIS