Ги ловевме испостените зајчиња, додека вепровите и слоновите од криминалната глутница удобно се сместуваа под стакленото ѕвоно на системот кој им го
прикачи ореолот на заштитени ѕверки.
Нивните рудници за злато и сребро изгледа немаат дно. Ниту се исцрпуваат нивните банкарски сметки, или девизните резерви, од чии износи нас нѐ фаќа колективна несоница. А бог знае колкав е кешот што им ги топли образите од под перница, или снопчињата банкноти под душеците од кои им се греат задниците.
Оваа наша какафонија, нормален човек тешко може да ја сфати. Да плаќаш елитна чета адвокати, како што тоа го прават нашите осомничени арамии за тешки криминални злодела, мора тие блудни чеда, тој апашки изрод, како прво, да не е од наш род.
Сакал или не, ќе почнеш да веруваш дури и во неможното. Да прифатиш дека таа човечка морална гроза можеби се потомци на некоја за нас сѐ уште неоткриена кралска лоза. Или пак се изданци на емири, потомци на шеици или тие насилнички баџи се родени браќа – близнаци на махараџи.
Кога еден систем се менува, новиот треба, ако не за многу, барем за нијанса да е подобар од другиот. Ние сме светски феномени. Преку ноќ прескокнуваме епохи. Уште вратата на социјализмот не беше дозатворена, а веќе стигнавме во фаза на некое космичко социјално лудило.
Нашата приказна дремка, странски статистички центри требаше да ја расонат, откривајќи ни дека еден од нашите транзициски премиери, инаку, пред да седне во владиното столче, документирано беше последна социјална фукара, во сферата на умственоста да не навлегуваме, преку ноќ го допре плафонот на европскиот финансиски раскош. Стана најимотниот премиер на Стариот континент.
Како и сите слепци, си го дозволивме луксузот, речиси незабележливо крај нас да протатнат возовите на правдата. Им судевме на џебџиите. На оние што посегнуваа по евтината конзервирана скуша од рафтовите на гранапите. Ги ловевме испостените зајчина, додека вепровите и слоновите од криминалната глутница удобно се сместуваа под стакленото ѕвоно на системот што им го прикачи ореолот на зштитени ѕверки.
Некој ќе рече дека ова се размисли на комуњар. Но, се чини, сме навлегле во фазата кога острецот на ножот допира до коската. Неговите дразби го предизвикуваат колективното чувство на голема транзициска измама. Фрапантни промени на социјалниот колаж. Секавично раѓање на финансиски династии, според испробаниот метод на грабеж на општествениот капитал. Политичка елита која излегла од рамките на критериумите, не за социјална еднаквост, туку за екомски и законски оправдана различност. Тајкунски обоено мафијаштво, до гуша заглавено во матни зделки и со крајно штетни рефлексии врз вкупната социјална слика. Да не навлегуваме и во пределите каде што се одиграа бројните морални и етички диверзии, кои нанесоа мноштво срамни лузна во сферата на науката, на културата, во творештвото, во образованието, во здравствениот систем.
А што би рекол, на крајот, еден „комуњар“?
Имаме клима. Барем сега го имаме неопходниот амбиент за промени. Како прво, за строго почитување на принципите за отчетност на секоја индивидуа, и по хоризонтала и по вертикала. Ревизија на стекнатите имотни вредности – и по хоризонтала и по вертикала. Дефинитивно да се ослободиме од маглите на сомнежите – со апсолутна прецизност да се дијагностицира, што е легално, а што е криминално. Но сето ова може да го изведе човечки фактор, структуиран од проверено квалитетен анатомски и ментален материјал. Со кадри кои минале низ објективното сито на селекцијата.
(ФБ пост на авторот)