Канаѓанката Тифани Адамс тврди дека била оставена сама во изгаснат и заклучен авион на „Ер Канада“, откако заспала во текот на летот на релацијата Квебек – Торонто на 9 јуни.
Како што пишува „Индепендент“, Адамс заспала во текот на летот. Кога се разбудила сфатила дека авионот е празен и паркиран на пистата во Торонто.
„Сум заспала веројатно на половина лет. Се разбудив околу полноќ, што е неколку часа по слетувањето, смрзната и во мрак на своето седиште. Беше ужасно и мислев дека е само лош сон. Страдам од анксиозност и тоа беше страшно искуство за мене“, напишала во соопштението до компанијата.
Му се јавила на пријателот, но телефонот ѝ се исклучил, бидејќи ѝ се испразнила батеријата. Се обидела да го наполни, но сфатила дека струјата во авионот е исклучена. Пронашла сигнално светло во кокпитот и патот до главната врата, но кога ја отворила, сфатила дека се наоѓа на 15 метри висина од тлото. Седнала на работ на вратата и го вклучила светлото како повик за помош.
– Не знам колку време помина пред човекот кој ја возеше количката за багаж да помине и да ме здогледа. Беше шокиран. Ме праша како ме оставиле во авионот. И јас истото се прашувам – рекла Адамс, пренесува „Кликс.ба“.
Мажот ѝ помогнал да излезе и ја испратил до аеродромот каде што ја дочекале претставници на „Ер Канада“. Сега има проблем со кошмари и тешкотии со спиењето.
„Едвај заспивам, а ако заспијам се будам во страв дека сум заклучена во некој мрачен простор“, напишала.
Портпаролот на авиокомпанијата потврдил дека „Ер Канада“ го истражува овој инцидент, како и дека се во контакт со патничката.