Својата фундаментална расправа „Лингвистика и поетика“ (1960) која и даде белег на критичката мисла (филозофија, антропологија, литература) во минатиот XX-ти век, знаменитиот лингвист Роман Осипович Јакобсон ја почнува со овие зборови: „За голема среќа, научните и политичките конференции немаат ништо заедничко. Успехот на еден политички договор зависи од согласноста на мнозинствоти или на сите учесници. Напротив, прибегнувањето кон гласање или кон вето им е туѓо на научните дебати во кои несогласувањето се разоткрива, главно, како поплодотворно од согласувањето.“
Зошто се повикувам на тоа атрактивно и остроумно разликување на Р. О. Јакобсон? Затоа што добро помага брзо и лесно да се идентификува една силна контрадикција во оној пасус од статијата на софискиот филозоф Ив. Дичев кој го наведов во мојот претходен напис. Во што се состои таа контрадикција? Таа се состои во тоа што еден филозоф еднаш зборува како научник, а другпат како политичар. И тоа во нецели десет реда текст кој става под лупа некои мачни македонско-бугарски „междусебици.“ Тие датираат уште од времето на Петко Рачо Слвејков. Тој во „Нова мода, календар за 1857.“ се подбиваше („Зоти море зоти, Бугарско Грамоти“) со велеучениот митрополит Партениј Зогравски од Галичник само затоа што предлагаше „среден“ јазик за Бугарите и Македонците врз основа на подеднаков удел на нивните дијалекти.
Кога, на пример, истакнатиот филозоф на свој начин апелира до двете владини комисии да држат строго до своите вистини („се надевам дека нема да има заедничка вистина“) затоа што науката живее од несогласувања, затоа што е бескомпромисна наспроти политиката која живее од добри компромиси, а добри се кога страните што бараат компромис се подеднакво незадоволни (А. Меркел), тој зборува како научник. Како научник тој ги советува тие две комисии да не го жртвуваат својот научен морал и достоинство на олтарот евро-ореол на двајца политичари од Балканот (Борисов и Заев) затоа што во оној момент кога ќе дојдат до „заедничка вистина“ за тоа чиј е Гоце Делчев?, тие престануваат да бидат научници. Tие се фрлаат во матните и валкани води на политиката.
Кога, меѓутоа, само неколку реда подолу истиот филозоф се прашува: „Дали не треба да го омекнеме малку надменото непризнавање на македонскиот јазик и наместо тоа да почнеме со систематска политика на зближување на двете јазички норми“, тој зборува како – политичар. Иако исто толку добро знае колку и јас дека науката и политиката „за голема среќа немаат ништо заедничко“. Да се предлага „политика на зближување“ која ќе доведе, во прво време, до заматување на јасните разлики меѓу две норми на два литературни јазика и, во некое догледно време, до стопување на тие две норми (да речеме, бугарскиот ќе стане македонски, а македонскиот бугарски), тоа не значи друго освен да се читаат и разбираат како – спротивности. А пак спротивностите се, по природа, полемички. Тие живеат од и за часот кога ќе го уништат својот антагонист.
Јас сум многу далеку од помислата дека еден филозоф од форматот на Ив. Дичев не знае или, уште подобро, не сака да знае дека разликите воопшто не се спротивности туку посебности. Дека „закон на животот е да има разлики“ (Конески). Како посебности, тие не треба да се ослабуваат. Напротив, треба да се продлабочуваат и зајакнуваат за да дојдат, како што велеше на времето Д. Митрев, до својата „полнокрвност“, до „самопоказ“ и „себепоказ“. Затоа што разликите се посебности а не спротивности, гола вода е тврдењето на еден друг историчар (Г.Прванов, претседател на Бугарија во два мандата) кој алармира сега дека „родоотстъпнта“ македонистика и македонизам биле голема, безмалу смртоносна закана за „българштината“. Во Македонија, разбира се!
Бидејќи јас сум длабоко уверен дека тие работи му се исто толку добро познати на Ив. Дичев колку и мене, не ми преостанува друго освен да се прашам: кој бил тој империјален мотив што присилил еден толку учен човек да подлегне на толку очигледна контрадикција дури и за еден неграмотен ум? Има одговор на тоа прашање во истата статија на Ив. Дичев на која се повикувам тука. Кога, на пример, потсетува дека антагонизмот меѓу македонизмот и „българштината“ кој датира уште од времето на П.Р. Славејков и П. Зогравски (има континуитет од некој век ипол), “го лекува само времето“, дека тоа време ќе дојде „кога ќе си замине“ и неговото “поколение, задоено со комунистичкиот етнонационализам“, Ив. Дичев не вели друго освен дека една работа е да си замине во историјата некој тоталтрен политички систем, а сосем друга да се напушти тоталитарен стил на мисла кој сте го примиле со мајчиното млеко. Или, уште подобро: ако ја гребнете кожата на сегашните радикални националисти, брзо ќе се покажат фанатичните ленининистичко-сталинистички болшевици. И тоа на двете страни: како во Бугарија (Каракачанов), така и во Македонија (Мицкоски).