Што не е добро и треба да запре?

1653

Во претходниот текст посочивме што од она што се случува во македонската економија и начинот на кој се водат економските политики е добро и треба да продолжи. Истовремено, рековме дека и покрај моментните добри статистички податоци за остварувањата на македонската економија, нејзината состојба и перспективи се далеку од розови. Има работи што се случуваат, практично во континуитет, подолг период, со години, да не речам децении, кои не се добри и треба да запрат, еднаш засекогаш.

Прво, не е добро тоа што во нашето општество економијата, прашањата што живот значат, не се врвен приоритет. Фокусот на јавноста, на дневна основа, несразмерно повеќе се насочува кон надворешно-политички теми. Тоа мора да запре и економијата конечно мора јасно и недвосмислено да биде ставена на пиедесталот на интересот на сите чинители во земјава (власт, опозиција) во поглед на политиките. Суштински, не формално!

На пример, во моментов, како земја, не ја контролираме динамиката на стратешките надворешно-политички случувања. И влезот во НАТО и преговорите со ЕУ (датум итн.) имаат своја автономна траекторија и временска рамка. Затоа, секој ден што ќе го поминеме во дискусија за некое надворешно-политичко прашање зошто утре, а не денес, во основа е залудно изгубен ден за македонската економија, енергија што можела да биде искористена за решавање на некој од проблемите со кои таа се судира. Потребна ни е целосна општествена преориентација кон економијата и економските теми.

Второ, не е добра неизвесноста во економскиот амбиент. Мора да запре носењето на ад-хок одлуки што влегуваат во сила веднаш и создаваат финансиски последици за економските субјекти. Тука не игра улога дали некоја одлука се базира на ветувањата од партиските изборни програми (владини, опозициски, сеедно). Таквите ветувања се валидни само доколку своевремено биле тестирани ефектите од нивната евентуална примена во иднина и тоа што се дел од некоја програма не ги прави сами по себе применливи. Доколку не е соодветно тестирана нивната издржаност, тогаш шансите се дека тие ќе резултираат со популизам. Популизмот е како канцер за економијата, ако го има во економските политики тогаш континуирано и систематски ја подјадува и слабее економијата на земјата и ја прави неодржлива на долг рок.

Во овој контекст, неизвесноста во економскиот амбиент на земјата може да се намали со мерки што на систематски начин ќе превенираат некакви ад-хок потези. Една таква системска мерка, предложена годинава од Стопанската комора на Македонија е воведувањето на т.н. даночен календар, временска рамка што дефинира до кога во тековната година може да се носат измени на прописите што креираат финансиски последици за фирмите, од кога тие мерки би можеле да почнат да важат и колку време не би можеле повторно да се менуваат.

Трето, мора да се напушти исклучивоста во дизајнирањето на економските политики. Тоа мора да биде широк, инклузивен процес кој во себе на принципиелна основа ќе вклучува релевантни фактори, без оглед дали за одредена работа го делат ставот или не се истомисленици. Само така, низ интензивен дијалог, со целосен взаемен респект, широка дебата, подготвеност да се слушнат и пофалби и критики, може да се создава здрава основа и механизми за градење широк општествен консензус за суштински важните економски прашања, што имаат долгорочни импликации за здравјето на економијата и животниот стандард на сегашните и, подеднакво важно, идните генерации!

Четврто, мора да се нурне подлабоко во проблемите на македонската економија за да се дијагностицираат вистинските предизвици. Нашава земја е приказна за две економии, едната се фирмите што се странски директни инвестиции и работат во зоните, а другата се останатите, домашните фирми. Кога се гледаат збирните статистички податоци се добива впечаток дека перформансите не се лоши, но податоците всушност ги упросечуваат остварувањата, оние добрите на странските фирми од зоните со оние помалку добрите на (повеќето) домашни.

Петто, а можеше комотно да биде и прво, мора да запре односот, што го гледаме веќе многу години, на властите кон образованието. Имаме долга традиција на постојано менување на надлежните министри, а отсуствува и конзистентен пристап што треба суштински, на сите нивоа, да го промени образовниот процес во земјава. Не е срамота ако сме рангирани како четврти најлоши на PISA – рангирањето за функционалната писменост на 15-годишниците, срамота е ако не преземеме ништо и на наредното рангирање за три години не бидеме барем малку погоре. Прашањето за квалитетот на образованието е сериозна ЕКОНОМСКА тема и мора да добие врвен приоритет. Ако не се променат работите околу образованието тогаш преземаме голем, огромен ризик за долгорочниот опстанок на македонската економија. Да, прашањето на образованието е прашање на опстанок на македонската економија!

Шесто, мора да се направат храбри реформи кај администрацијата. Таа е ‘рбетниот столб за која било реформа. Ако една земја нема едуцирана, способна, професионална, соодветно платена и меритократски избрана администрација, тогаш реформите остануваат на хартија, нема кој да ги имплементира. Патем, администрацијата не е пуст остров, сама за себе, таа е сервис за граѓаните и бизнис секторот. За да биде тоа така, потребни се реформи во таа област и тие се тешки и болни. Но, алтернатива нема!

Ако сето ова се направи ќе биде подобро за сите. Ќе биде подобро за бизнис секторот, тој повеќе ќе инвестира и ќе отвора нови работни места. Економијата ќе ја поставиме на здрава и стабилна основа и ќе се движиме напред. Со поголема брзина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...