24-годишна родилка од Охрид почина на КАРИЛ, откако се породила со царски рез пред речиси две недели. Причина за смртта е сепса, утврдиле лекарите, јави попладнево телевизија Телма.
Родилката спаѓала во категоријата ризични пациенти, затоа што од својата четиринаесетгодишна возраст боледувала од ретката болест лупус. По породувањето во охридската Општа болница, нејзината состојба неколку дена била влошена, па заради тоа таа била пренесена во Скопје.
„На Клиниката за гинекологија и акушерство веднаш е ставена на интензивно лекување, во шок соба и суспектна за сепса. Во текот на целиот престој на ГАК е мултидисциплинарно третирана. Од ехо-прегледот гинеколозите исклучија гинеколошко страдање.“ соопштија од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Еден ден откако пациентката била примена на Гинекологија во Скопје, стручниот колегиум на болницата врз основа на конзилијарно мислење на тројца гинеколози, абдоминалец и пластичен хирург одлучил таа да биде поставена на машина за дишење.
Од Општата болница во Охрид потврдија дека бебето сѐ уште е кај нив – здраво и во добра состојба.
Повеќе на Телма