Извини сестро, мора ние да му го попушиме на Бени или може и Петре, на пример?

Значи, вака нашата сестра Нора го замислува својот брат Бени на позицијата директор на МКЦ. Он ќе директорува, а ние ќе му го попушиме. Поносот. Бидејќи сите сме ја слушале Азра, нели, знаеме на каков „понос“ мисли сестрата. Градоначалниче Петре Шилегов, само ова да е, доволно е конкурсот да се поништи, за да се смират страстите и некои луѓе да се научат на елементарна пристојност.

26496

Не ги познавам состојбите во МКЦ и следствено, сѐ до еден пост на Нора Шаќири Марковиќ на Фејсбук, немав став за амбицијата на нејзиниот брат, пејачот Бени Шаќири, да стане директор на оваа институција.

Природно, Плусинфо го објави отвореното писмо на голема група интелектуалци, кои застанаа против смената на досегашниот директор (извесен Русе, кого, за жал, не го познавам, но за кого слушам сѐ нaјдобро) и против назначувањето на Бени. Патем речено, Бени го познавам на здраво-здраво.

Јас во тоа отворено писмо не видов никаков личен атак кон братот на Нора. Луѓето кажаа дека Бени нема искуство (што е точно) и дека тој, ако така можам да се изразам, e „партиски“ пејач на СДСМ, што сепак е блиску до вистината (иако тоа не мора да е лошо само по себе). Од тие причини, апелирав премиерот Зоран Заев, до кого беше упатено отвореното писмо, да ги разгледа аргументите на уметниците, меѓу кои јас познавам најмалку десетина многу сериозни луѓе, на кои им верувам.

Мојот пријател Џељо Хоџиќ напиша коментар во одбрана на Бени Шаќири и ми го понуди за објавување во Плусинфо. Објавено. Што и да напише Џељо, ќе биде објавено. Писмо во одбрана на Бени напишал и Един Јакуповиќ. И тоа е објавено. И тоа без прашање на уредништвото. Така решила дежурната. Како што треба. Демократија, бе. Нека се води дебата, зошто да не?

Пак ќе речам, сѐ до објавувањето на еден катастрофален пост на Нора на ФБ, јас за оваа работа немав личен став. И не сакам за сѐ да имам став. Тоа е инфантилно. Не ја познавам добро културната сцена, уште помалку алтернативната, од каде тогаш да имам став?

Но, тогаш прочитав нешто што не требаше да го прочитам. Камо среќа да го промашев…

Пишува Нора, сестрата на Бени, која, ако сум добро информиран, сѐ уште е ангажирана во владата или во некое министерство:

„Сестрата сака да ви се обрати. Не е проблем ни потпис ни петиција ни поддршка, проблем е што се истрчавте со име и презиме за некој кој конкурирал, проблем е што вие осудивте човек што уредно аплицирал. Според вас, никој ама баш никој не смее да се пријави на отворен конкурс. Ма зборувајте ми за вашите отворени умови и демократски капацитети, зборувајте ми за вашата дрскост и подметнување на имиња во вашата листа, на цели организации. Скоро сите од таа листа лично ве познавам и знаете што (хаштаг) попушите му понос. Љуби вас сестра“.

Уау! Попушите му понос! Бидејќи сите сме ја слушале Азра, нели, знаеме на каков „понос“ мисли Нора.

Е ова веќе е невидена дрскост. Некултура. Безобразлук. Силеџиство во говорот. Шокиран сум!

Значи, вака нашата „сестра“ го замислува својот брат Бени на позицијата директор на МКЦ. Он ќе директорува, а ние ќе му го пушиме. „Поносот“.

Е па, ако е така, сестро Нора, ќе ти кажам дека сега веќе формирав јасен, иако само почетен став за ова прашање. Имено, можеби тој, за мене непознат Русе и не е некоја важна фигура, па дури можеби и не е толку способен како што се зборува, ама човекот барем не бара да му го попушиме „поносот“ за да биде директор.

Тоа веќе е сериозна предност на тој Русе, освен ако во конкурсните услови не пишува дека на директорот мора да му се попуши „поносот“, по што, како критериум, претпоставувам, би пишувало дека поголеми шанси има оној што има поголем „понос“.

А ако во конкурсот нема ваков услов, јас на градоначалникот Петре Шилегов (тој бил надлежен за МКЦ), после ваквите тензии и притисоци, му предлагам конкурсот веднаш да се поништи, за да се смират страстите и некои луѓе да се научат на елементарна пристојност.

Дури потоа нека се отвори дебата, во која никој никому нема да му го попушува „поносот“, туку кандидатите ќе ги демонстрираат своите лични капацитети и програми за развојот на оваа институција. Инаку, мојот личен критериум за поставување на директор на било која јавна установа е следниов: кој во животот немал прилика, односно обврска, некому да подели плата, не може да биде директор на ништо државно.

Но, за тоа во дебатата, ако до неа дојде. А ако власта реши работава со МКЦ да ја истера со сила, ја замолувам Нора да го замоли Петрета или некој друг од власта, на Бени да му го попушат. „Поносот“. На нас баш и не ни е до пушење…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...