Додека чекаме… А, постојано нешто чекаме како земја и како граѓани. Независност, признавања, датум за преговори, метла, нови советници, поврат на ДДВ, додаток за новородено дете итн. Или како што вели еден мој пријател по потекло од Велика Британија, кој тука работи повеќе од 15 години: Постојано нешто интересно се случува кај вас, уште од првиот ден кога сум дојден да работам тука. Луѓето почнаа да ми викаат дека им е преку глава од „интересни“ работи. Велат дека редно е конечно живеењето тука да стане „досадно“.
Мислам дека е ова многу добра поента која често ми одѕвонува во глава и ме потсетува дека турбулентните времиња во светот може да се нарекуваат „интересни“ според овој македонски, или уште подобро, балкански синдром.
И така, додека секој од нас нешто чека да се случи, ајде заедно да отвориме една многу актуелна тема. Да додадеме малку повеќе боја во јавниот дискурс. Темата за младите и пензионерите е повод кој често поларизира, па дури и конфронтира. Секој вторник и петок во автобусите низ Скопје, пред секои уписи во средно училиште, на прослави… постојано сме сведоци на дебати, па дури и караници на оваа тема.
Некако ми се јави потреба да пишувам на оваа тема бидејќи сум во години во кои сум еднакво далеку од тинејџерските, како и од пензионерските денови. Затоа се надевам дека ќе успеам во најголема мера да бидам објективен на темава.
И навистина, како треба партиите, но пред се јавните институции да се постават на оваа тема? Ограничениот буџет кој макотрпно го полнат граѓаните и компаниите треба да се вложи првенствено за привилегии на младите или, пак, на пензионерите? Која е пораката која треба да ја испраќаат после 30 години, мислам веќе зрелите и одговорни политичари, наспроти популизмот и антагонизмот кој веќе не бира пора во која ќе се вгнезди во нашето поларизирано општество.
Според мене, за почеток е неопходно младите и пензионерите да почнат да се третираат како вистински луѓе, а не само како целни групи од предизборните програми. Личности со свои индивидуални, но и групни потреби, ставови и очекувања. Второ, неопходно е во комуникацијата со јавноста, партиските вокабулари да ги отстранат стереотипите дека пензионерите имаат првенствено потреба од пензионерски домови, а учениците само потреба од таблети и компјутери.
Едноставно, секој човек, независно од возраста, има потреба од слободно движење, финансиска самостојност да одлучува за своите потреби и секако, да биде ценет за она што го создавал и го прави во моментот. Имам впечаток дека во последните три децении, младите и пензионерите се само дел од политичките памфлети со кои се заокружува секој предизборен митинг на кој политичките партии лицитираат кој направил повеќе или помалку за нив. За пензионерите, на времето дебатата беше за заостанатите и неисплатени 8% на пензиите, па накачување и намалување на пензиите, потоа дојдоа бањите, ски центрите итн. Младите, пак, за секоја партија се наводно иднината, но како сите политичари да се плашат да кажат дека тие, младите, се и сегашноста. Препукувањата тука се за условите во ученичките и студентските домови, потребата од бесплатен превоз, младинска гаранција и претприемништво итн.
Оваа „турско-шпанско-индиска серија“ трае веќе 30 години, но ако погледнеме наназад, целта не е целосно постигната. Ниту младите избираат да останат во земјава, а ниту пензионерите се чувствуваат достоинствено како што заслужуваат после децении изминат стаж и влог во нашата држава и сите минати влади.
Кој е концептот кој го предлагам и како мислам дека властите и политичките партии треба да ги комуницираат овие теми?
За почеток, сите партии треба да престанат намерно или случајно да ги конфронтираат младите и пензионерите со цел да остварат политички поени кога ним тоа им одговара. Тоа никому не оди во прилог. Пензионерите не се виновни доколку во петок нема место за младите во градскиот превоз. Ниту, пак, младите имаат одговорност доколку по завршувањето на првата смена нема доволно место во јавниот превоз за пензионерите. Исплаќањето на повисоки пензии не ги прави пензионерите одговорни, доколку државата не издвои доволно пари за децата со ретки болести. Ниту, пак, исплатата за лекување во странство на болен млад човек прави некого виновен што нема повеќе средства од Буџетот за поквалитетна нега на геријатриските клиники или, пак, што после 15ти во месецот речиси нема да се земат лекови на товар на Фондот за здравство.
Конфронтацијата мора веднаш да запре, а секое поттикнување на антагонизам потребно е да се третира како ширење на говор на омраза или поттикнување на омраза. И тоа од страна на политичарите. Одговорноста да го распоредуваат националниот Буџет кој се полни со парите на граѓаните и компаниите единствено ја имаат владејачките партии кои во моментот се на власт. И ако некогаш за нешто немало пари од државната каса, тогаш вината е на оние партиски структури кои во тој момент биле на власт. И предлагам тука да ставиме точка за ова.
Зашто ако сакаме да продолжиме напред, за почеток ќе треба да се вратиме неколку чекори назад. Односно, убаво е да се потсетиме дека децата се нашата сегашност и сите треба да вложуваме во нив. Да им ги пружиме сите предности кои можеме како општество, но пред се да го развиваме кај нив критичко-креативниот дух, самостојноста и иницијативноста. Тие можат и треба да не водат напред уште веднаш. А, за да успеат во тоа, ние треба да ги тргнеме кочниците кои им ги поставуваме или, пак, ќе треба самите да се изборат и да не исфрлат од игра. Но, зошто да губиме време на бесполезни борби. Зарем досега не увидовме дека секоја ваква изгубена битка, младите ја трансформираат во авионски билет во еден правец кон западните земји? И повторно сите губиме, а станува потоа касно за да ги промениме работите.
Би сакал да потсетам дека од следните неколку години на пазарот на трудот се повеќе ќе се појавуваат младите од таканаречената „z“ генерација. Тоа се личностите родени по 1995 година, односно личности кои се родени и/или растени со интернетот, мобилните телефони и социјалните медиуми. Кај нив, зборуваме за целосно или дијаметрално различен начин на размислување, согледување на работите, навики, потреба за образование и функционирање од она на кое што сме навикнати. Но, сепак, целите и кај овие млади се исти како и кај генерациите претходно – сакаат да успеат, да живеат удобен живот, но и да се изборат за своето мислење и да бидат слушнати, како и да добијат прилика да покажат што умеат.
После ова, се надевам станува јасно дека нема повеќе потреба и простор за конфронтирање. Залудно ќе си го потрошиме времето. Како никогаш порано, потребно е ние да се прилагодуваме на новите начини на работа и функционирање на светот во дигиталната ера. А, не новите генерации на нас и нашето време. Во спротивно, сите ќе ја изгубиме битката.
Но, каде се тука пензионерите? Тие го заземаат едно од најглавните места на масата и се повеќе од потребни за да го пренесат целото свое знаење и искуство на новите генерации. Двата системи толку брзо ќе се заменат што токму искуството на највозрасните ќе биде вистинската институционална, но и севкупна светска меморија од која новите генерации ќе имаат потреба. Ако се изгуби тој трансфер на знаење и податоци, враќање назад ќе нема, а работите е можно да отидат во правец во кој сите по малку ќе се изгубиме, а втора шанса за да ги исправиме работите нема да ни се пружи.
Впрочем, како што ја завршувам оваа колумна, сфаќам дека длабоко во мене инспирацијата за овој текст доаѓа од еден филм кој го гледав пред речиси четири години. Филмот се вика „Приправник“ (The Intern), а во него глумат Роберт Де Ниро, Ен Хатавеј и Рене Русо. Ако не сте го гледале, препорачувам да го ставите на вашата филмска листа уште денес. Ќе даде одговор на многу дилеми кои ги отворивме во оваа колумна.