Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за телевизијата Алсат М, вели дека се против легализирање на дејствијата што ги презело СЈО после законскиот рок од 18 месеци затоа што тие се во функција на забрана на партијата со судска одлука.
– Не можеме да дозволиме рокот што го има пробиено Специјалното јавно обвинителство, а тоа е 18 месеци од примањето на материјалите, и законските дејствија што ги презеле после овој рок да бидат легализирани. Со тоа не можеме да се согласиме. Тоа не значи, како што вели власта, амнестија за криминалот, затоа што ако некој сторил било какво кривично дело, има обвинителство што може да го гони. Тоа е прво. И второ, единствен случај, и тоа е политичката мотивација на СДСМ, што е отворен после рокот, е случајот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, каде целта е да се забрани нашата политичка партија со судска одлука. Сега битката се води дали нелегалните активности за затворање на ВМРО ќе ги легализираме или не – изјави Николловски и додаде ако СДСМ се откаже од овој план можен е договор за СЈО наесен.