Претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за настаните од „Диво Насеље“ и судскиот процес за овој случај.
– Моите информации се дека во тековниот процес за Диво Насеље не се зафатени сите клучни актери кои учествувале во подготовката или во позадинското менаџирање на настаните. Значи, зафатени се… дали баш сите до еден, не навлегувам во тоа… меѓутоа, зафатени се воглавно луѓето кои оперативно излегоа на терен и ги направија тие безбедносни проблеми во предградието на Куманово. Колку што јас знам, а нешто знам во тој дел, не се опфатени луѓето коишто дадоа наредба тоа да се направи, бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа, и луѓето кои спроведуваа одредени претходни подготовки тој настан да се случи, и тие се случуваа на територијата на Косово и на територијата на јужна Србија – рече Пендаровски.