Буџетот за реализирање на програмата за крводарителство годинава е значајно зголемен од 15 на 25 милиони денари, затоа што сметаме дека ова е многу значаен сегмент кој значајно влијае на квалитетот на услугите на крводарителите, на контролата и прибирањето на крвта. Целата програма ја реализираме заедно со Црвениот крст кој ни помага во организирањето на крводарителските акции, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешниот Форум за доброволно крводарителство.
Додаде дека покрај крводарителството се организираат и други значајни заеднички активности, а во наредниот период ќе се работи на доближување на здравствените услуги поблиску до пациентите.
– На отворањето на Форумот допревме повеќе теми-како да ја унапредиме нашата соработка со Црвениот крст, но не само во сферата на крводарителството, туку и во сферата на пружањето на итната помош, патронажните сервиси и сервисите во домовите, подвлече министерот Филипче.
Потенцираше дека овој систем е имплементиран во сите развиени европски земји и на тој начин е многу полесно за пациентите да дојдат до еден одреден степен на здравствена заштита и тоа е поевтино за еден здравствен систем и на крајот пациентите може тоа да го почувствуваат.
Претседателот на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Ромел Велев ја потенцираше континуираната соработка со министерството за здравство, а добивањето на повеќе средства за оваа година ќе им овозможи зголемување на мотивацијата кај крводарителите.
-Потребите за крв се секојдневни и ние со нашите 18 илјади крводарители ги реализираме потребните 55 илјади крвни единици на годишно ниво, рече Велев.
Форум за доброволно крводарителство се одржува денес и утре во Струмица под мотото „Безбедна крв за сите“.