ИНТЕРВЈУ Д-р Владимир Чадиковски: Манипулатори на децата им ја крадат шансата за живот!

Изградивме солиден систем за дијагностика и третман на децата со вродени срцеви маани, но изманипулирани од нападите од колегите, некои родители, за жал, на своите деца им ја одземаат драгоцената шанса за живот, вели детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски.

15881

Интервенциите на Детската кардиохирургија на Клиниката за детска хирургија во Скопје, каде се третираат деца со вродени срцеви мани, ги прави стручен тим, во кој има домашни и странски лекари со соодветни лиценци и знаење. Сепак, дел од родителите, изманипулирани од колеги од приватни болници, решаваат да не ги оперираат децата, со што директно ги загрозуваат животите на своите најмили.

Со оваа категорична изјава, на јавноста ѝ се обраќа детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски, кој го води Одделот за детска кардиохирургија. Во интервјуто за Плусинфо, тој зборува и за префрлање на одделот што го води на Клиниката за кардиологија, како и за тоа како во изминатите пет години е воспоставен систем за дијагностика и третман на вродени срцеви мани кај деца, нешто што претходно не постоело, поради што и голем број новороденчиња не добивале шанса за живот.

Шанса за живот за 120 бебиња годишно

Докторе Чадиковски, проектот детска кардиохирургија се развива од 2013 година. Колку деца со вродени срцеви маани се оперирани до сега, на која возраст и каков е бенефитот за здравствениот систем? Има ли податок колку деца претходно останувале незгрижени, односно умирале? Колку и кои деца сега се праќаат во странство за интервенции?

– До сега се оперирани повеќе од 350 деца (бебиња), направени се повеќе од 50 интервентни кардиолошки процедури и повеќе од 1.000 кардиолошки прегледи. Навистина поминавме тежок период, но сега дојдовме до фаза да имаме и простор и кадар, со други зборови – да воспоставиме систем кој во нашата земја е најтешко да го направиш. Според бројот на живородени деца годишно (22.000 – 25.000), ние секоја година треба да оперираме околу 120 деца, од кои 70-80 во првите месеци од животот. Годишно Фондот за здравство исплаќал околу еден 1 милион евра за овие деца да се лекуваат во Бугарија, каде се оперирале 50-60 деца, па сами пресметајте колку умирале без можност да добијат шанса за живот. И така било со години.

Низ нашата клиника поминаа повеќе од 300 експерти од различни специјалности, од сите краишта на светот, кои ни помогнаа да успееме од проект да станеме реалност. Сега веќе имеме комплетна здравствена контрола над сите пациенти кои се лекуваат кај нас и кои треба да се лекуваат. Во моментот, единствено потпишуваме за лекување во странство на деца кои сметаме дека не можеме да ги згрижиме тука и кои се веќе неколку пати оперирани во Бугарија. Важно е да се каже дека во овие пет години, не сме биле во ситуација на ниедно дете да му ускратиме да замине на интервенција во странство, ако ние не сме можеле да му помогнеме.

Зошто различни кардиолози даваат различни препораки за тоа кога детето треба да се оперира? Кој, всушност, решава за тоа кога детето ќе се оперира и дали операцијата ќе биде направена тука или во странство?

– Детските кардиолози може да имаат различни мислења за срцевата маана што ја има детето. Во детската кардиохирургија постојат 180 дијагнози и нормално е да постојат различни мислења. Тоа, според мене, и е добро, бидејќи на тој начин, со стручна конфронтација, ќе дојдеме до правата дијагноза и до подобар третман на детето. Ако не сме сигурни во дијагнозата, се прави КТ ангиографија или катетеризација, со што ја дефинираме дијагнозата.

Секаде во светот така изгледаат стручните состаноци. Кај нас најголемиот напредок го постигнавме на тоа поле од кога ја почнавме соработката со колегите кардиолози од Универзитетската клиника „Тиршова“ од Белград, каде заедно со нашите детски кардиолози воспоставивме континуитет во следењето на тие пациенти и заедно со нас хирурзите, потпишуваме индикациони листи, со што одлучуваме дали треба детето да се оперира или треба да се следи. Ако сметаме дека нашата институција и нашиот тим не е спремен за таа операција и постоперативно следење, детето се препраќа во странство. Сакам да потенцирам дека за сите состојби решаваат повеќе од десет специјалисти и субспецијалисти. Никој сам не носи одлука.

Од проект стануваме институција

До кога детската кардиохирургија ќе биде проект? До каде се плановите за воспоставување посебен оддел на Клиниката за детска хирургија, кој физички би бил сместен на Клиниката за кардиологија?

– Многу ми е драго што добивме конкретна поддршка и што овој проект беше препознаен како екстремно важен и од страна на министерот за здравство, од директорот на Фондот за здравство и од директорот на Клиниката за кардиологија, со што после шест години од проект ќе преминеме во институција. Ние, во моментот, статутарно, имаме Оддел за детска кардиохирургија и интензивно лекување на Клиниката за детска хирургија, но поради интензитетот и зголемениот обем на работа, како и поради немање на катетеризациона сала, моравме одделот да го префрлиме на Клиниката за кардиологија. Во моментов завршува конкурсот за вработување, со што тимот ќе се комплетира, а во исто време сме во катастарски процедури за добивање на соодветен простор во склоп на Клиниката за кардиологија со одлука на Владата на РМ.

Кардиолошките операции ги работите вие, заедно со детски кардиохирурзи од Србија. Но, колку лиценцирани детски кадриохирурзи имаме во земјава и дали ваков профил има во приватните кардиохируршки болници? Зошто адултен кардиохирург не може да оперира деца?

– Со доаѓањето на екипата од Србија, на цело со проф. Слободан Илиќ, направивме дополнителен скок во заокружување на системот. И мислам дека ако продожиме во оваа насока, ќе имаме одличен кадар и резултати. Што се однесува до лиценцата, јас веќе станав субспецијалист по детска кардиохирургија, а останатите колеги се при крај за земање на соодветна субспецијализација. Што се однесува до приватните или други институции, ќе мора сами да истражите, но колку што знам, таму нема лиценцирани детски кардиохирурзи или детски кардиолози.

Разликата помеѓу детски и адултен кардиохирург е огромна и никаде во свет тие не се мешаат. Или оперирате деца или возрасни, како и во другите гранки во хирургијата. Комплетно е различна патологијата. Пристапот е друг, тимот е различен. Поставете си го прашањето зошто кај нас никогаш немало детска кардиохирургија и зошто децата се праќале во Бугарија. Тоа било така зашто е екстремно тешко да изградите систем, да формирате тим, а при тоа да ги надминете многуте пречки кои често ве доведуваат во ситуација да помислите да се откажете и да заминете од клиниката, од државата.

Тим посветен на борбата за срцето на секое дете

Кај нас, согласно со законската регулатива што важи за детската кардиохирургија, никој не смее да оперира дете под три години ако не е детски хирург. Така е и со детската кардиохирургија. Во некои списанија колега (кардиохирург од приватана институција) нѐ критикува дека доаѓале „некои хирурзи од странство”. Јас гарантирам, со целиот мој кредибилитет, дека тоа се одлични експерти и би бил презадоволен да го достигнам нивното ниво на знаење. Колегата заборава и добро е да знае јавноста дека кога се отвори неговата болница, цело време имаше колеги од странство кои го учеа и работеа со него со години. Како што сум информиран, таму и сега работат странци кои им помагаат. Што, пак, сметам дека е добро и така треба да биде.

Чудовишна и неетичка изјава

Познат кардиохирург во земјава, сопственик на приватен кардиохирушки центар, вели дека од Детската кардиохирургија „живо дете не излегло“. Како ја коментирате таа изјава?

– Кога ми ја пуштија таа изјава на ценетиот колега, не можев да поверувам дека некој може тоа да го каже јавно и за тоа воопшто да не сноси последици од државата. Ова е државен проект, државата инвестира пет години, а сега е институција во која работат 25 колеги. Со таа изјава, тој ги напаѓа директно државата, Министерството за здравство , Фондот за здравство и секој колега кој работи на клиниката. Да се осмели да бара истражување за нашата работа една чисто приватна профитабилна организација, која прави огромен профит – па тоа е невиден преседан! Газдата на таква приватна институција да бара ревизија на јавна непрофитабилна универзитетска клиника, која е јавно достапна и која се занимава со операции на бебиња повеќе од 70 години – па каде го има тоа, ве молам?!

Колегата не ја научил првата лекција која се учи на Медицински факултет, за етиката и за колегијалноста, а сега гледам дека му е и доцна да ја научи. Јавно да напаѓате колеги дека убиваат деца – тоа надвор од секој здрав разум! Би му поставил неколку прашања. Зошто договорот со Фондот за здравство му е да оперира деца над 1 година и над 10 килограми кога 90 од сите срцеви аномалии се под 10 килограми и под 1 година? Зошто дозволил до 2013 гододина, кога почна во земјава проектот за детска кардиохирургија да заминат на лекување во странство 650 деца, ако се занима со детска кардиохирургија?

Какви проблеми создаваат овие изјави во вашето работењето, но и во исходот од лекувањето на децата со вродени срцеви маани?

– Искрено, не знам која му е целта на колегата со тие изјави. Ќе објаснам што прави тој во моментот, заедно со неговиот колега педијатар. По давање на индикациона листа и поставување на индикација за операција кај нас, од страна на осум професори од различни профили, семејствата одат кај него на второ мислење. Ги разбирам родителите. И јас би постапил исто да сум на нивно место. Од страна на неговиот педијатар им се даваат погрешни мислења и совети на семејствата, со што нѐ девалвира како хирурзи, кардиолози, педијатри, анестезиолози, ја девалвира институцијата и ја пролонгираат операцијата, со што се загрозува здравјето на детето. Родителите потоа се враќаат кај нас со став дека не треба тука да се оперира нивното дете, убедени дека ние не сме компетентни, а што е најстрашно – не го оперираат тоа дете ниту во друга соодветна институција, по што следи притисок за лекување во странство.

Сакам да објаснам дека јас правам кривично дело, ако потпишам дека детето треба да оди на интервенција во странство, доколку таа интервенција се прави кај нас. Родителите се лути, затоа што не се дозволува операција во странство, а притисокот врз мене оди до таму што на удар е и моето најтесно семејство, со клетви и погрдни зборови, иако јас сум тој што сакам да помогнам. Затоа реков, доста е веќе, цело време во овие шест години ние само се браниме и се докажуваме дека тоа што го работиме, го правиме искрено и добро и даваме сѐ од себе, за да го направиме најдоброто за тие деца.

Искрено ми е многу жал за тие деца и за нивните родители што подлегнуваат на манипулации, бидејќи еден ден ќе се судрат со реалноста и ќе мораат да се оперираат, само се плашам да не биде доцна. Нашиот тим нема моќ да се бори со пропагандната машинерија на колегата од приватната болница. Се надевам дека државата ќе го согледа овој проблем на време, за да нема и понатаму вакви проблеми, особено што тоа најмногу ги засега децата и родителите. Колегата тоа воопшто не го погодува, а со ваквиот неколегијален пристап и него реалноста еден ден ќе го погоди.

Тие што нѐ напаѓаат ги кријат бројките, а не ние!

Сепак, да одговориме на клучното прашање – може ли да ни кажете која е стапката на смртност во детските кардиолошки интервенции на Детската хирургија?

– Интересно е што ова е прашање најмногу ни го поставуват колеги од приватни институции и нѐ критикуваат дека ги криеме резултатите, дека сѐ било се завиено во тајна. Можам најодговорно да потврдам, со целиот мој кредибилитет, дека не постојат никакви тајни и сите наши резултати се достапни и јавни. Парадоксално е што нивните резултати и компликации се завиени во тајна, а не нашите. Интересно е што ние сме константно изложени на проверки, а јас секаде јавно ги кажувам нашите резултати. Дали некоја друга клиника, болница или приватна институција јавно дава податоци колкава е смртноста?

Оваа година ми е многу драго што немаме ниеден смртен случај. Сите оперирани бебиња се добри. Просечната телесна тежина на сите пациенти се движи од 2,5 до 3,5 килограми. Морам да напоменам детската кардиохирургија ја следат и морталитет и компликации секаде во светот. Таква е патологијата. Верувајте, кажувам најодговорно и најискрено дека целиот тим е погоден лично кога имаме компликација кај некое дете или кога ќе почине. Ве притиска тоа ненормално, не спиете, а мора да продолжите понатаму.

Кај нас, ако се земе процентуално, морталитетот за сите овие години се движи околу 5-6 отсто (но мора да се напомене дека имаме комплексност од над 70 отсто). Се надевам дека со комплетирање на тимот и со обезбедување на новиот простор, ќе бидеме подобри. На мене и на тимот ни е најважно да дадеме сѐ од себе да го спасиме секое бебе со срцева маана.

Во земјава сѐ уште нема систем на дијагностика на вродени срцеви маани кај фетус, односно кај бебето пред раѓањето, па многу често се случува, кога во периодот на 24 до 28 недела ќе се утврди дека има ваков проблем, да се оди на абортус. Како треба ова да биде решено?

– Една од работите кои треба да се променат се ставовите во однос на прекинување на бременоста (фетоцид) после 24 -25 гестациска недела, кај бебиња кои имаат некаква маана или синдром. Законот вели дека овие бремености може да се прекинат ако плодот носи трајни функционални и психолошки проблеми, или ја загрозува трудницата. За да знаете дали тоа дете има трајна функционална или психолошка траума, треба во комисијата да имате специјалисти од различни профили, како што е во сите соседни држави, а да не зборуваме за Европа. Таа комисија треба да содржи гинеколози, неврохирурзи, ортопеди, детски хирурзи, детска кардиохирурзи, психолози , генетичари, кардиолози… Се носи екстремно тешка одлука, дали треба тој плод да продолжи да живее. Тоа не е абортус.

Треба да се знае дека огромен број маани кај децата од сите специјалности кои ги споменав се коректибилни, за комплетно нормален квалитет на живот. Бројката на фетоциди која сега се прави, верувајте, не е воопшто мала. Сметам дека треба да се направат голем број работилници, во кои ќе ги убедиме, прво ние колегите, на стручно ниво, дека голем број маани се коректибилни. Второ, феталната ехотомографија е екстремно тешка и одговорна, со можност да згрешите, па затоа сметам дека секогаш треба да се спроведат повеќе иследувања пред да се донесе конечна одлука. А во исто време, контунирано да се одржуваат стручни работилници, со ќе имаме сѐ поверодостојни резултати во иднина.

На крајот, би сакал да потенцирам со претходно кажаното немам намера да ја оспорам досегашната пракса од стручен аспект на колегите кои до сега ја правеа оваа неблагодарна и одговорна работа, туку сакам да укажам дека со формирањето нова комисија со повеќе експерти од различни специјалности, ќе се донесуваат поправилни одлуки и ќе се применат принципи идентични како во сите други центри во регионот и во Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...