Премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук профил објави статус за слободата на говорот и за притиоците кон новинарите, откако вчера новинарот Бранко Героски објави дека добил закани од лице кое се претставува како обезбедување на СДСМ.
Утрово, Героски беше и во седиштето на партијата и кај претседателот Стево Пендаровски, а реакција имаа и ЗНМ, ССНМ и АВМУ.
Статусот на Заев го пренесуваме интегрално:
„Демократијата можеме да ја унапредуваме само ако сме гласни и ако ги штитиме слободата на говорот и слободата на медиумите. Како човек и како политичар најостро осудувам какви било закани упатени до граѓани или новинари, и се борам против сите обиди на загрозување на нивниот интегритет. Слободата на говор и на изразување се неприкосновени и нема да дозволам на кој било начин да биде загрозено ова елементарно и загарантирано право. Како премиер на отворена, транспарентна и демократска влада укажувам на важноста медиумите да работат ослободени од притисоци, професионално и пред сè, за граѓаните и во интерес на владеењето на правото и демократијата“, напиша премиерот.