Борче Гиноски, кој вчера му се закани на новинарот Бранко Героски дека „ќе го бања во Вардар“, а кој се претставува себеси како обезбедување во СДСМ, сепак бил член на СДСМ и откако бил повикан на разговор во партијата ќе биде опоменат, а крајната мерка е исклучување од членство на партијата, според статутот на СДСМ.
Гиноски немал никаква партиска функција, ниту бил во раководни органи по општински и месни организации, ама тоа не го спречувало да се фотографира со лица кои биле на раководни структури во СДСМ, па и во владата. На објавената фотографија Гиноски е десно во црна јакна.
Претходно, од Државната изборна комисија (ДИК) за телевизијата Алфа потврдиле дека заканувачот Гиноски на последните претседателски избори по предлог на СДСМ бил член на избирачки одбор во општината Ѓорче Петров на избирачкото место 2.581.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, утрово по средбата со Героски, рече дека не знаат дали Гиновски бил партиски член, но ако се утврди дека е член на партијата ќе се преземат чекори согласно статутот.
– Утрово дојде господин Героски, имавме конструктивен разговор во однос на заканите кои што беа упатени до него, вчера вечер. Секако, како одговорна партија, ние од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се оградуваме и најостро осудуваме каков било обид за навреда или за спречување на изразување на слободна мисла на говор. Тоа не е наша вредност. Наша програмска определба, наш принцип и наша вредност е да имаме овозможување на слободно изразување на волјата на говор, тоа и го правиме. За тоа доказ се и извештаите на „Репортери без граници“ каде што Република Северна Македонија има раст од 15 места во истите тие извештаи.
Во разговор со господин Героски, му дадовме информација дека не станува збор за партиско обезбедување. Во текот на денот, ќе видиме од базата на членовите дали станува збор за член на СДСМ. Секако, доколку станува, согласно нашиот Статут во партијата соодветно ќе реагираме – изјави Костадинов.
Поддршка за Героски денеска искажаа претседателот Стево Пендаровски, новинарските здруженија и од Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, утрово ги осуди заканите кон Героски, но не кажа ништо конкретно за Гиноски.
„СДСМ најостро осудува какви било закани. Имаме голема почит кон работата на медиумите и новинарите и нула толеранција за напади, навреди или говор на омраза. Слободата на говор и слободата на изразување се неприкосновени, тоа се наши вредности, тоа се нашите политики коишто ги спроведуваме и ги браниме со сите сили. Нема да дозволиме да биде загрозено правото на слободно изразување, на слободна мисла. Како генерален секретар можам да соопштам дека доколку заканите кон новинарот Бранко Героски се искажани од член на СДСМ ќе следуват санкции согласно Статутот на партијата“, напиша Николовски.