Заев не сака јавно да се препукува со Борисов откако тој ни порача да созрееме

511

Со Бугарија потпишавме договор за пријателство и соработка, а не за проблеми и јавни препукувања. Се договоривме дека заедничките моменти од минатото треба да нѐ спојуваат, а не да нѐ раздвојуваат, порача денеска преку својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев.

„Искуствата од историските комисии ширум светот и Европа покажуваат дека соработката бара време, труд, трпение, почит кон другиот и голема взаемна посветеност. Но, пред сѐ, потребна е заедничка идеја да одиме напред. Ние знаеме дека таа идеја е жива и сме покажале дека за најделикатните прашања може да се најде заеднички јазик, ако се сака. За да успееме треба заедно да зрееме. Пријателството мора да биде двострано и взаемно“, наведува Заев по јавно искажаните забелешки на бугарски официјални претставници за работата на заедничката комисија за историски прашања.

Последната беше упатена вчера од бугарскиот премиер Бојко Борисов од маргините на Самитот на ЕУ во Брисел.

– Македонците треба уште да созреат за да добијат датум за почеток на преговори за приклучување на ЕУ. Тие треба уште многу работи да поправат. Не ме разбирајте погрешно, но сѐ додека се спори дали е Гоце Делчев Бугарин или Македонец – таа ситна тема за едни херои што всушност биле за Бугарија и за Македонија, за родниот крај, и најубавите наши песни се сврзани со нив. И постојано опозицијата ме прашува што прави Комисијата. Нека созреат – рече Борисов пред почетокот на седницата на Европскиот совет во Брисел.

Тој вели дека бугарската страна „направила сѐ“ и оти сега треба македонската страна во комисијата да направи компромис.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...