Избрани победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи, ќе се тркаат за 10 000 долари

320

„Challenger-Мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници“, „Ракатрак- Природен едукациски центар за деца за животни вештини“, и „Производство на био- смарт ориз“ се победници на натпреварот за зелени бизнис идеи кои беа денеска избрани.

Тие заедно со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора ќе се натпреваруваат за поддршка од 10 000 долари.

За националните победници АРНО и годинава обезбеди поддршка од партнерите првопласираната македонска идеја-апликацијата Challenger е наградена од Фондот за иновации и технолошки развој со ваучер за патување на промотивен настан во странство. Дополнително, сите три победнички идеи добија вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“.

Се натпреваруваа вкупно 12 зелени идеи. Финалистите се претставија со идеи за зелени бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедницата, и во себе носат елемент на иновација.

Покрај победничките идеи, во конкуренција беа и идеите: Treebanks-платформа за онлајн купување на сместување преку која со секоја трансакција се поддржува садење на едно дрво, Едукативни еко играчки, Анаеробен модуларен дигестер, Паметна кутија за апчиња направена од рециклирани материјали, Органски кремови од лешник со еко восочна обвивка, Тури со електронски велосипеди, Скулптури од отпад, Ma Belle – Еко ресторан со редовен ангажман на бабички кои подготвуваат традиционална храна и Puzzle Green Events -маркетинг агенција за организирање на „зелени“ настани.

-Оваа година на натпреварот пристигнаа 38 апликации за зелени бизнис идеи. Се радуваме што од година во година интересот расте. Нашата улога во натпреварот е да инспирираме што повеќе граѓани да размислуваат за зелена економија и да обезбедиме слух и поддршка за овие мали, значајни бизниси. Годинава, се радуваме што составот на жири комисијата е проширен со нови претставници од  донаторски агенции, ФИТР, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и очекуваме дека после пет години искуство во организација на овој натпревар, патот за развојот на зелената економија е трасиран и имаме визија за иднината која заедно ја градиме, изјави Ирина Јаневска од АРНО , координатор на проектот.

Бранислав Марковски од ФИТР вели дека мотото на Фондот е дека иновациите се применливи насекаде и дека  тоа се потврдува и преку сите овие интересни предлог проекти што беа дел од овој натпревар.

Истакна дека ФИТР ќе продолжи да поддржува проекти со “зелена компонента“ што се социјално одговорни и имаат позитивен придонес за општеството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...