Македонија е убедлив негативен рекордер во Европа, со 26 министри на 2 милиони луѓе, а нѐ нема ни толку. Тоа е еден министер на 81.000 граѓани. Во Германија, на пример, има еден министер на 5 милиони луѓе. Помалку министри споредбено со населението имаат Естонија и Латвија, земји поблиски до нас по големина. Бројот на министри во владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20, а ќе гледаме да бидат и помалку. А ќе почнеме разговори со другите партии бројот на пратеници да се намали од 120 на 90 или на 100.
Вака зборуваше СДСМ кога сѐ уште беше во опозиција. Кога ветуваше живот. Брда и долини. И реформи, пред сѐ и над сѐ. Ова не се мои зборови. Ова се зборови од еден предизборен настап на Радмила Шеќеринска, заменичка претседател на СДСМ, сега министерка за одбрана. Денеска на Фејсбук ги сподели ГДУ.
Паролата со која СДСМ дојде на власт, а која мене лично најмногу ми значи, е следнава – зборот си е збор! Тоа значи дека кога човек нешто ќе вети, редно е ветувањето да го исполни. Кога партија нешто ќе му вети на народот, дадениот збор за неа станува закон. А кога таа партија ќе дојде на власт, зборот-закон мора да се преточи во реалноста.
Така јас гледам на работите. Верувам и сите ние кои мислат дека политиката сепак е одговорна, да не речам возвишена работа, а не лажење и мачкање очи на народот. Јас се надевам дека и Шеќеринска така ја доживува политиката, во која е подолго од било кој друг раководен кадар во СДСМ, подолго и од премиерот Заев.
Пред нас е реконструкција на владата. Соопштено ни е дека таа ќе се случи идната недела. И сега, ако зборот си е збор, ако политичарите како Заев и Шеќеринска внимаваат на својот политички и личен интегритет, јас очекувам наредната недела да добиеме влада во која ќе има не повеќе од 20 министри. Така како што јавно ни беше ветено.
Некои велат дека тоа е невозможно, дека сега ќе има не 25, туку 26 министри, но јас сепак ѝ верувам на Шеќеринска – во новата влада ќе има не повеќе под 20 министри! Така?