Камионџиите на границите ќе пријавуваат мито, корупција и мигранти

191

Превозниците со помош на ИТ-апликација ќе можат да пријавуваат мито, корупција, застои и криминални дејства на граничните премини, од класичен шверц до криумчарење мигранти. Притоа ќе останат анонимни и нивниот интегритет ќе биде заштитен.

Ова го предвидува Меморандумот за соработка што го потпишаа денеска владиниот Национален координативен центар за гранично управување и Асоцијацијата на превозници „МАКАМТРАНС“.

Целта на Меморандумот, како што беше речено пред потпишувањето, не е само унапредување на прекуграничното управување, туку и борба со организираниот криминал и корупција.

Информациите за какви било законски недоследности на граничните премини, но и транспортните коридори што ќе ги пријавуваат превозниците, ќе стигнуваат директно до надлежните институции и органите за спроведување на законите.

– Да ја искористиме оваа можност за соработка за што владините институции се подготвени целосно да застанат зад превозниците. Очекуваме нашето партнерство не само да го унапреди прекуграничното управување, туку и да ги намали прекуграничниот криминал и корупција – истакна Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Меморандумот всушност ќе биде аларм за преземање мерки во вистинско време, ќе овозможи потесна и кооперативна ефективна соработка за поквалитетна гранична безбедност и проток на стоки и ќе овозможи детектирање и анулирање на сите пречки за безбеден и слободен граничен транспорт.

– На практично ниво ова значи дека состојбите нема само да се следат, туку и конкретно, оперативно ќе се решаваат – потенцира Спасовски.

Билјана Муратовска од „МАКАМТРАНС“ објасни дека превозниците ќе имаат можност да користат ИТ-апликации за мобилен телефон и за компјутер.

– Транспортерите се секогаш мета на државните органи. Сите ги гледаат како евро или долар, како луѓе кои имаат многу пари. Не може да поминат без некој да им побара 10 евра или 50 евра за побрза царинска постапка, добивање дозвола,… – истакна Муратовска.

Светските искуства покажуваат дека 3,6 милиони смртни случаи се евидентираат годишно во светот поради корупција, а голем е бројот и на несреќи при криумчарењето мигранти.

– Со системот за пријавување конечно ќе можеме навреме и брзо да докажеме дека ние не сме вклучени во ваквите случувања за кои често знаат да не обвинат – дополни Муратовска.

Во земјава 96 проценти од производството се увезува и извезува преку користење транспорт по патиштата.

По потпишувањето на Меморандумот, на министерот Спасовски му беше поставено новинарско прашање во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев дека Груевски избегал од земјава скриен во багажник.

– Денеска апсолутно не разговараме на тема за кој било друг предмет, освен за промоција на мерка која ќе значи бобра против корупција. За сите други теми ќе разговараме на некое друго место. Денеска нема да одговарам на ниту едно друго прашање, освен на она што е поврзано со темата – рече Спасовски.

Во однос на владината реконструкција, пак, истакна дека ова прашање треба да се упати до мандатарот, премиерот Зоран Заев, кој стои зад сите одлуки и предлози што би се доставиле во Собранието.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...