Зоран Заев минатата година најави дека добил датум за преговори. Во владиниот авион прослави дека преговорите со ЕУ ќе почнат овој јуни и замина да се разлади на море во Грција. Годинава нема ниту „п” од преговори, а на Заев не му бегаат грчките плажи или развозувањето со скапите мотори, реагира опозициската ВМРО – ДПМНЕ.
„На Зоран Заев не му е гајле што Европа не сака да го види на преговарачка маса. На Зоран Заев му одговара да се пролонгираат преговорите затоа што само така ќе може да си ги дели тендерите и да вработува роднини и љубовници на партиските послушници. Цената на криминалот, корупцијата и неспособноста на Зоран Заев да испорача реформи ја плаќаат граѓаните. Зоран Заев добива ладен туш, а за жал народот е тој што се разболува. Патот кон ЕУ не е отворен, но затоа овоштарите трасираат пат со праски, бидејќи Заев и владата не ја интересира каде и како ќе го пласираат сопствениот род, иако им ветуваа и брда и долини“, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека предупредиле дека „владата на Зоран Заев ќе доживее фијаско заради неспособноста да ги испорача реформите кои земјите членки на ЕУ ги бараат“.
„Последните најави дека сега датумот ќе дошол во октомври кои повторно ги изнесува Заев се попусти, затоа што датумот ќе дојде со реформите, а реформи нема. Впрочем кои европски лидери сега му се криви на Заев што државата оди назад во секоја област. Останува граѓаните да се прашуваат зошто од нивниот џеб беа потрошени повеќе од 180 000 евра за прославите за датум за преговори со Европската Унија.
Одговорност за неуспехот мора да има. Граѓаните не смеат да ја плаќаат цената за неспособноста и криминалите на Заев. Македонија не смее да биде казнета заради Заев. Датум за преговори треба да биде даден, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги реализира преговорите и реформите неопходни за членство во ЕУ“, се вели во соопштението.