Османи до Николовски за „тајниот план“ со Бушати: Не создавај раздор

933

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи му одговори на Александар Николовски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, за обвинувањата за „тајниот план“ со поранешниот минсистер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати.

Николовски вече извесен период тврди дека Османи и Бушати со планот 3-6-9 се договориле да се кочат реформите во Македонија и на тој начин да се прикријат неуспесите на Албанија на ова поле како две земји кои во заеднички пакет претендираат да добијат датум за преговори годинава од ЕУ.

– Почитуван г-не Николовски. Веќе подолго време ваквите ставови создаваат раздор не само во нашето внатрешно ткиво – успешните мултиетнички односи, туку и во нашиот најсилен надворешен адут – успешните односи со соседите.
Албанија е наш пријател, земја која несебично лобираше од внатре за нашата интеграција во НАТО, и земја која, исто како и ние, се надева на успех во европските интеграции. Не постои стабилен Балкан освен оној кој е целосно интегриран во Европската Унија и НАТО, но уште помалку, не постои стабилна земја било каде во светот, која не си ги почитува и не ги негува односите со своите соседи.
Да ти одговарам на твоите дилеми: ниту ние можеме да влијаеме на процесот на европски интеграции на Албанија, ниту тие можат да го попречат нашиот напредок; единствено што можеме е да си помагаме едни на други, затоа што имаме заедничка цел – да го видиме Западниот Балкан интегриран во ЕУ, и што е уште поважно, на тој пат да останеме добри пријатели со искрена почит едни кон други, напиша Османи на својот профил на Фејсбук.

Николовски претходно тврдеше дека имал информации за неформалната средба помеѓу Османи и Бушати.

– Бев информиран за неформалниот состанок на албанскиот екс-министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, и на актуелниот заменик министер за европски прашања, Бујар Османи, во кој беше брзо договорено Македонија и Албанија да се приклучат на истата група. За мене тоа беше најголемата грешка и сега ќе разјаснам зошто !? Логично беше кога проблемот на Македонија ќе биде решен, да оди со црногорската и српската група. За Албанија тоа беше многу проблематично, бидејќи Косово и Босна се уште се недефинирани држави. Косово не е ниту формално член на ОН. Македонската дипломатија ја направи најголемата стратешка грешка, бидејќи беше јасно дека Албанија нема да може да ги спроведе реформите. За да ја забавува Македонија, Бујар Османи подготви план 3-6-9 и реализираше 41 отсто од планот што самите го создадоа – рече Николовски.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...