Димитров: За да нема оправдувања за нови одложувања, фали само едно делче во мозаикот – иднината на СЈО

566

Нашата цел е првата меѓувладина конференција, со што се означува почеток на преговори со Европската унија да се одржи во декември. Предскрининг процесот се одвива, тој е при крај, а почетокот на преговорите е процес, кој ќе биде долг, но сакаме да го искористиме како алатка со која земјата ќе ја направиме европска, порача вечерва шефот на дипломатијата Никола Димитров во „Топ тема“ на Телма, говорејќи за последната одлука на Советот за општи работи во Луксембург за одложување на одлуката за датумот за преговори за оваа есен и за неговите очекувања за целиот натамошен процес на патот кон ЕУ.

Во врска со тоа има ли гаранција дека ќе добиеме датум во октомври, Димитров не одговори конкретно, рече дека немаме право да се опуштиме додека не добиеме одлука, ниту потоа. Додаде дека и ЕУ не е совршена и таму има политичари, но напомена дека сепак треба биде јасно дека ЕУ не не одбила, туку само го одложила донесувањето на одлуката.

– Одложувањето нема никава врска со нас, нема врска со тоа што дома ние можевме да го сработиме, иако секогаш можеме повеќе и подобро. За нашето досие сите јавно велат испорачавте, рече Димитров и нагласи дека мора да се земе предвид дека проширувањето како политика за многу од старите земји-членки делумно поради искуства со нови членки не е толку популарно и сега нашиот пат е потесен и пострмен отколку порано.

Нагласи дека сепак земјата покажала решителност во однос на решавањето тешки прашања, како спорот со Грција и додаде дека сме близу до атмосферата која е поволна, нѝ фали едно делче во мозаикот, тоа е иднината на СЈО, за да нема ниту едно оправдување да има ново одложување.

-Основната грижа на скептичните земји е владеењето на правото, колку судиите се непристрасни и колку правдата е слепа.  Во таа смисла од перспективата на скептичните земји е да се има правосуден систем со интегритет, врз кој политичарите нема да можат да влијаат. Кога ќе има случај на корупција да има одговорност, кога ќе има злоупотреба на позицијата на власт да има одговорност, кога ќе има лажирање избори да има одговорност. Излеговме од тешка криза на неказнивост, кризата во 2015/16 со прислушувањето беше криза на неказнивост, рече Димитров.

Нагласи дека е потребно со опозицијата да се најде решение за законот за Јавно обвинителство, каде се решава и статусот на СЈО, за кој е потребно двотретинско мнозинство, но потенцира дека сепак не смее да се поминува црвената линија во тие разговори.

– Црвената линија е во однос на истрагите кои ги води СЈО за кои нема судски процеси да им ги оставиме на правосудните органи да ги решат, а не тоа да биде договор меѓу партиите и политичарите, бидејќи треба да градиме систем и секој да ја има својата одговорност, рече тој.

Пред да пристигне во студиото тој телефонски разговарал со министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, чија земја беше меѓу спомнуваните во твитот на Антонио Милошоски дека била против преговори. Нагласи дека тоа го демантирало самото МНР на Луксембург, а дека седум земји-членки биле против преговори е демантирано и од романското претседателство на Унијата, но демантираше и грчкото МНР, откако Грција се спомна како земја која била воздржана. Димитров нагласи дека во демантот на грчкото МНР се наведува дека земјата цврсто се залага за почеток на преговорите.

Нагласи дека тој што ја проширил оваа дезинформација има одговорност да внимава што зборува во јавноста, бидејќи го губи кредибилитетот во иднина.

Напомена дека влијанието на ЕУ во регионот на Западен Балкан е цврсто врзано со европската перспектива на земјите, таа мора да биде реална и дофатлива за земјите кои ќе ги исполнат условите.

-Јас тука не сум во улога на адвокат на ЕУ, но можам да кажам дека по 14 години чекање што менуваат двата летни месеца, рече Димитров и додаде дека дополнителни компликации предизвикало и доцното објавување на извештајот на ЕК, што предизвика една од важните земји-членки Германија да не може да ги спроведе внатрешните процедури и да има став. Истовремено, додаде, се случија европски избори и сега во Унијата се прават калкулации кој ќе биде наследникот на Жан Клод Јункер во ЕК, на Доланд Туск во Европскиот совет, на Федерика Могерини.

Тука, оцени Димитров, треба да се спомнат и разликите кои се јавуваат во однос на Албанија и оценките за таа земја, а како пример ја посочи Холандија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...