Николовски: На власта и нудиме помош за реформите, ама ја јаде ароганција и самобендисаност

557

Во Луксембург се потврди на што сите го знаеме до душа некои порано а некои подоцна а тоа е дека Македонија со Заев, Димитров, Османи и Шеќеринска за жал и овој јуни не доби датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија, рече на прес конференција потпретседателот на ВМРО- ДПМНЕ Александар Николовски.

– Како тргнале и ако вака продолжат да не работат и да блескаат како што самите велат и следен јуни ќе дојде, а датум за почеток на преговори ќе нема. Значи внимавајте, зборувам за датум за почеток на преговори а не за членство во Европската Унија. Па колку ли не ги бива што Европската Унија не сака да даде зелено светло ни за почеток на преговори?  Која е таа неспособност? Навистина е поразителното сето ова – рече Николовски.

Тој додаде дека сега велат оти е готово за октомври, но која е гаранцијата дека во октомври ќе се донесе одлука за почеток на преговори и дека истите ќе почнат до крајот на годината како што ветуваат од Владата. Таква нема затоа што сите знаат дека и Заев и владата се неспособни да испорачаат реформи.

– Прашањето е едноставно, како да сакаат било која голема европска држава да ве види во исто друштво со нив кога гледа дека корупцијата цвета, економијата оди надолу, а начинот на кој се обидувате да се одржите на власт е крајно недемократски, со политички притисоци и желба за затворање на политичкиот противник – вели Николовски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ се поставила крајно конструктивно и патриотски по однос на ова прашање. Дека за се што биле консултирани дале придонес, во јавноста секогаш ги изнесувале информациите до кои што доаѓале, а тоа е дека ако нема реформи и оваа година нема да има датум, за жал како што се случи.

– Ние како ВМРО-ДПМНЕ сакаме Македонија да оди напред, тоа е добро за сите граѓани и затоа сесрдно, наместо да ја користиме ситуацијата за дневно политички поени јавно понудивме да се формираат работни групи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Владата кои што ќе работат на реформите кои што Европската Унија ги бара. За жал, до овој момент на понудата која што пред две недели ја изнесе претседателот на партијата, се уште немаме одговор, таков одговор нема. Претпоставувам нема, затоа што ги јаде ароганцијата и самобендисаноста, затоа што не знаат  и не сакаат а од други помош не примаат. Па еве јавно се прашуваме дали можеби на СДСМ и Заев им одговора да нема датум за почеток на преговори – вели Николовски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да помогне со сиот свој експертски потенцијал и бројните контакти кои што ги имаме.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...