Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени конкретни сторители и елементи на сторено кривично дело, одговорија од Обвинителството денеска на прашање што го поставивме минатата недела дали по допрен глас надлежен обинител ќе отвори предмет во врска со наводите и пишувањата за рекетарската афера во медиумите и по изјавите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, поврзани со наводен рекет на медиум во спрега со група блиска на власта.
Лидерот на ВМРО-ДППМНЕ Христијан Мицкоски, неодамна во телевизиско интервју изјави дека прв обелоденил дека извесен медиум во спрега со власта рекетира бизнисмени. Опозицискиот лидер наведе дека имал индиции дека близок роднина на специјалната обвинителка Катица Јанева, кој е дел од менаџментот на една телевизија ја користи нејзината позиција во комуникација со потенцијални спонзори. Мицкоски, исто така тврдеше дека бил уценуван од обвинителката Јанева со ветување дека ќе биде одмрзнат имотот на партијата.
– Кога прашав јас зошто е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, одговорот од страна на специјалната јавна обвинителка беше да го поддржиме продолжувањето на мандатот на СЈО, а таа ќе го одмрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Мицкоски пред неколку месеци кога го образложуваше ставот на партијата зошто не може да поддржи тело кое што го води специјален јавен обвинител затоа што тоа тело било селективно и се користело како алатка против ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ неодамна рече и дека на лидерска средба побарал да се формира посебна комисија која ќе направи ревизија за тоа како се потрошени 20 милиони евра за работата на СЈО.