Отворен е конкурсот за истражувачки стории од земјите на Западен Балкан и Турција за годишната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“.
На конкурсот може да се пријават сите новинари кои објавиле истражувачки стории во периодот од 1 јануари до 31 декември 2018 година, поврзани со следните теми: слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќта и основни човекови права, корупција и организиран криминал. Рокот за пријавување е 17 јули 2019 година.
Наградниот фонд за 2019 година во Република Северна Македонија (за новинарски производ објавен во 2018), соопшти Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, изнесува 10.000 евра. Првата награда изнесува 5.000 евра, втората 3.000 и третата 2.000 евра.
На конкурсот може да се пријават поединци или групи на новинари со свои дела од сите новинарски форми (печат, онлајн, радио и ТВ) објавени или емитувани во медиумите во Република Северна Македонија на македонски, албански, на некој од јазиците на заедниците или на некој од светските јазици.
Критериумот за учество е сториите со кои се аплицира да биле објавени во печатен, онлајн, радио или телевизиски медиум во календарската 2018 година.
„Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ на Западен Балкан и Турција има за цел да ги истакне и промовира извонредните постигнувања на истражувачките новинари како и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Tурција.
Наградата, се посочува, е продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција и е дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и истражувачкото новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како член на конзорциумот, ќе ги координира активностите поврзани со конкурсот во Македонија.