Со оглед на морето од пропагандни шпекулации и фриволни политикантски „токувања“ на заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, неопходно е и овде да го повториме ставот на ова тело за Република Северна Македонија:
„Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година“, се вели во заклучокот во однос на нашата земја.
Клучни зборови: „силно го поздравува“, „договор без преседан“, „позитивната евалуација“, „направениот прогрес“, „јасна и суштинска одлука“ и „не подоцна од октомври“.
Од тука натаму следуваат толкувањата за „Европа како курва Вавилонска“, за „џабе тапшање по рамо“, за „ви велевме ние дека…“, за „уште во јуни предупредувавме“ и – ова е најново и многу „ексклузивно“ – дека постојат „национални извештаи“ (со благо сугерирање дека тие извештаи се „тајни“!) на поединечни западни дипломатии во Скопје до своите земји во кои има повеќе критика за состојбите во Македонија од несекојдневните комплименти со кои ги оцени постигнувањата на нашата држава Европската комисија, а ги повторуваат до ниво на баналност буквално сите инстанци задолжени за мерење на напредокот на евро-интегративните напори на земјава.
Да, еве и јас „ексклузивно“ да потврдам, постојат такви извештаи за кои сум брифиран од моите дипломатски извори. И слободен сум да пренесам дека во нив навистина има критики за Македонија кои, сума-сумарум, можат да се сведат на една лапидарна констатација: зошто во државава уште ви се шетаат на слобода луѓе кои би требало да издржуваат долги затворски казни за познатите злосторства сторени за време на владеењето на претходната власт?
Не знам како се правда оној Заев и неговите владини компањони кога одговара на овие критики – тој вид на индискреции моите дипломатски извори не си ги дозволуваат со мене – но, неодамна, со еден многу симпатичен, влијателен и интелигентен западен амбасадор со кого, низ ракиичка и салата, ги дискутиравме некои од аспектите од неговите критички депеши до својата централа, јас на неговите дилеми му одговорив дека Заев е смотан к’о сајла и дека, навистина, во напорот за воспоставување на правната држава требаше многу повеќе да се апси! Апсулимо!
Таа шанса се пропушти. Заев го фати другиот крај на стапот: тргна со молење, со попуштање, со цвикање, со надитрување, со уморување, со комбинирање, со пазарење, дури и со вртење глава на друга страна за да не мора да го види она што сите го гледаа…
И, ете, инсистирајќи на демократија, до кај стигна! За само две години, речиси станавме членки на НАТО, а датумот за преговори со ЕУ ни го одложија дури до октомври! Катастрофа!
Штета што интелектуалното и политичкото ниво на тековната критика од македонските националисти за состојбите во Макединија е толку строго пропагандистичко и безнадежно медиокритетско, инаку навистина би можело да се разговара за тоа кои ризици се кријат од конвулзиите во кои се наоѓа самата ЕУ по решението за неколку месеци да се одложи датумот за почетокот на преговорите со нашата држава. Ама нема со кого. Ги научи другарчево Заев, без последици, да тресат глупости и да мислат дека со него за сè можат да се договорат. И се договараат.
А можеше тоа и поинаку, со повеќе „клизечки стартови“ да се изведе, како што нотираат и „тајните“ извештаи на некои западни дипломати во Скопје. Мислам дека така, нацијата со мерак ќе причекаше и уште некоја година за почеток на преговорите, без ниту една посериозна критика за доцнењето.
Вака, од октомври ќе почнеме преговори со ЕУ со скршен ќеф, од што се мора… Ете, пак прочитајте погоре што ни пишале во Луксембург: јасна и суштинска одлука, не подоцна од октомври. Штета.
Извор: Цивил медиа