Со заклучоците на Советот на министрите од Луксембург добивме силно и недвосмислено признание за нашите достигнувања во изминатата година. Добивме јасна потврда за реформите кои ги спроведовме и за сите резултати остварени на домашен план, но и пофалби за Договорите со Грција и Бугарија. Тоа за нас и за граѓаните е многу значајно и ни укажува дека заедничките напори не беа попусто, објави премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.
Тој посочува дека со заклучоците на Советот ни е одредена точна временска точка во која ќе се донесе и потврди одлуката за почеток на преговорите за членство ЕУ, а тоа е не подоцна од октомври оваа година.
За нас, нагласува Заев, беше клучно оваа одлука да биде донесена оваа година, а овој заклучок токму тоа го потврдува.
– Ние во меѓувреме продолжуваме со работа и реформи. Нашиот резултат е одржлив и незапирлив. Продолжуваме со интензивните подготовки за формален почеток на преговорите до крајот на оваа година. Задоволни сме од денешниот заклучок, но тој ќе значи целосен успех во октомври, кога ќе се круниса со конечна одлука за почеток на преговорите и практичен почеток до крајот на годината, додава премиерот Заев.