Претседателот Стево Пендаровски немаше намера да го користи владиниот авион за посетата на Брисел и не знаеше дека е на сервис, велат од кабинетот на претседателот откако САКАМДАКАЖАМ.МК денеска објави дека владиниот „лирџет“ е на редовен сервис во Германија, па затоа Заев и Пендаровски летаат со редовни авионски линии.
„Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, при подготовката на посетата на Брисел немаше побарано информација за владиниот авион, ниту пак воопшто имаше намера да го користи владиниот авион. Изборот на начинот на патувањето на претседателот и на членовите на кабинетот во Брисел не зависеше од тоа каде се наоѓа и во каква состојба е владиниот авион. Билетите за комерцијалниот лет во економска класа беа резервирани веднаш штом беа договорени средбите и посетата на Брисел“, соопштија од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.