Министерството за правда ги објави Записниците од извршениот надзор над функционалноста на Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС) системот во судовите.
Со последните изменувања и допонувања што беа направени во Законот за судовите се воведе обврска на Министерството за правда врз основа на годишен план да врши редовен надзор над функционалноста на АКМИС-от.
Оваа година, Министерството за правда планира да изврши надзор над функционалноста на АКМИС системот во 16 судови. Досега, завршен е надзорот над осум судови, односно половина од предвидените за оваа година.
Комисијата за надзор формирана од страна на Министерството за правда досега подготви шест записници од спроведениот надзор и тоа за Управен суд Скопје, Виш управен суд, Основниот суд Скопје 1, Основниот суд Скопје 2, Основниот суд Кавадарци и Основниот суд Куманово. Извештаите за надзор над функционалноста на АКМИС системот во Основен суд Тетово и Основен суд Кичево се во фаза на подготовка и многу брзо и тие ќе бидат објавени.
Извештајот кој го подготвува Комисијата за надзорот е финален и не оди на одобрување кај министерот за правда со цел да се отстрани можноста било кој министер да интервенира во извештајот за надзорот во судовите.
При увидот во функционалноста на АКМИС-от се вршело интервју со претседателот на судот во врска со обврските предвидени со Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник и увид во електронските уписници.
Од извршените интервјуа и увидот досега генерално се заклучи дека движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС; распределба и прераспределба на предмети се врши електронски. Не се забележани случаи на доделување на предмет на „рака“; судиите редовно вршат прием на предмети електронски; изземања на судии се врши по законска процедура и врз законски основи; исклучување и вклучување на судии од АКМИС се врши со образложена одлука заради отсуство подолго од пет дена; годишните извештаи за распоред на судии се менуваат поради организациски потреби на судот и избор или заминување на судија во пензија или делегирање на судија во друг суд; предметите во судовите се распределуваат еднаш дневно во 14.30 часот, а итните веднаш; одлуки за рачна распределба на предмети има кај предметите по кои постапува само еден судија. И во овој случај предметите се распоредуваат електронски со тоа што истите се доделуваат на ист судија.
Надзорот покажал и одреден број слабости за кои Министерството за правда достави препораки чија реализација ќе ја следи Надзорната комисија и кои системски ќе се решаваат. Одреден број судови имаат голем број неархивирани предмети. Дадени се препораки до судот и повисокиот суд итно да бидат преземени мерки за надминување на констатираниот проблем. Во наведените судови претседателите на судовите имаат донесено план за надминување на наследениот проблем и истиот е во фаза на реализација. Надзорната комисија ќе ја следи нивната реализација.
Судовите работат со недостиг од стручни соработници и архивари. Во однос на овој недостиг се предлага да биде надминат со стратегијата за човечки ресурси во судството со која прецизно треба да бидат испланирани потребите од судски службеници во секој суд поединечно. Во таа смисла, не постои реално утврдена систематизација за потребен број судии по судови, во зависност од оптималниот број на предмети во судот. Во ниту еден од контролираните судови не е пополнет систематизираниот број на судиски места. Анализата на судската мрежа покажа намалување на бројот на предметите во судовите, судовите го решаваат приливот на предмети, што укажува на потреба за ревидирање на бројот на судии по судови.
Судскиот совет на Република Северна Македонија многу ретко ги посетува судовите и врши увид во нивната работа. Се препорачува Судскиот совет да земе поактивно учество и увид во работата на судовите.
Во секој суд постои итна потреба за зајакнување на капацитетот на информатичката опрема заради исполнување на законски обврски за скенирање на влезна документација и процедура за резервно осигурување на податоците (т.н. back-up). Освен во Основниот суд Кавадарци во ниту еден друг суд не се врши скенирање на целосната влезна документација поради ограничени технички можности на опремата и недостаток од човечки ресурси. Судскиот буџетски совет мора да врши правилно распоредување на средствата во зависност од приоритетите во судовите.
Во одредени судови е потребно да се зајакне дисциплината во судот, поради надминување на низа натрупани пропусти (голем број неархивирани предмети и некористење на сите можности на АКМИС). Беше укажано дека во некои судови судските службеници одбиваат внесување на дополнителни податоци во АКМИС и истото го сметаат за дополнителна работа за што поднесуваат пријави до Судскиот совет. Се препорачува да се вршат почести обуки на судската стручна служба за можностите и потребата за внесување на податоците во системот. Потребно е да се организира континурана обука за ИКТ технологијата на информатичарите, за целосно искористување на капацитетите на АКМИС-от.
Во одреден број судови со проширена надлежност нема судски администратори, а со оглед на нивната надлежност нивниот избор е неопходен.
Во судовите обично не се формира одделот за судска практика од причина што работата на вакви предмети не се нормира. Потребно е да се утврди начин на нормирање на предмети од област судска практика и јасно да се дефинира надлежноста на овој оддел.
Потребно е Судскиот совет да ја преиспита целисходноста на делегирање на судии од поголеми судови во судовите во Скопје, односно неопходно е да се прави подолгорочна стратегија за реален број на судии по судови и да не се создава недостаток, а со тоа и заостаток на предмети по судови заради судиско делегирање на долг рок.
Вишиот управен суд и Управниот суд работат во несоодветни објекти кои не ги задоволуваат основните потребите на судот и граѓаните поради што е потребно да се изнајде трајно решение за овој проблем.