Никола Димитров додека е на чело на МН, Македонија доживува порази, а министерството и дипломатијата ги претвори во приватен сектор, гранапче за задоволување на политичките амбиции и потреби на СДСМ, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
– Димитров мора да одговори како и дали е можно шефот на Кабинетот на Радмила Шекеринска, Катерина Ставреска, да биде вратена во МНР само на еден месец во јануари, само за да добие дипломатска титула Амбасадор? Дали за еден месец е унапредена во Амбасадор од позиција помлад соработник во државен советник за протокол? Зошто за доктори и магистри нема место во МНР и дали наместо нив, има место за Љубица Пендаровска, роднина на Стево Пендаровски, потоа место за блиската пријателка на Димитров, Елена Пресилска, има место за шарени твитерџии како Јане Лазевски, или за пензионираниот амбасадор Ѓорги Филипов, кој што се откажа од трка за претседател и на кој сега му исплаќа за советување – рече Стоилковски.
Според него, додека дипломатијата пропаѓа, и под прашање се доведува подмирувањето на режиските трошоци на ДКП-ата на Република Македонија по светот, Димитров мора да одговори дали на платен список на МНР се и советниците на Зоран Заев, Дане Талески и Бојан Маричиќ, иако не се појавиле на работаво МНР ниту еден ден во министерството?
– Граѓаните не ги прифаќаат штетните политики на оваа власт чиј што репрезент е НД и актуелното не функционирање на МНР. Крајно време е Никола Димитров да ја ефектуира оставката поднесена лани по пропаста на неговиот предлогот за Илинденска Македонија, оставка за која што тврдеше потоа дека е фалсификат, но никогаш потоа не се спомена евентуалната истрага за тоа кој можел да фалсификува печат од МНР и потпис од министерот за надворешни работи – истакна Стоилковски.