Ако има обид за избори на 30 јуни, Мета ќе ја извади војската на улица

282
Photo: EPA / Malton Dibra

Албанскиот претседател Илир Мета на средбата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Тирана соопштил дека, како врховен командант ќе ја извади армијата на улица доколку на 30 јуни има обид да се спроведат изборите, пренесува весникот „Шќип“.

Според истиот извор, образложението на Мета било дека добил информации од странски служби за обид за нереди, што како шеф на државата не може да го дозволи.

Средбата одржана вчера во Палатата на бригадите, која траела два часа, била посветена на политичката криза во земјата, посебно за одлуката на Мета за одложување на изборите.

Претседателот Мета денеска испратил писмо до амбасадорите во кое повторно ги наведува причините за одложување на изборите и додава дека „Албанците нема да гласаат на 30 јуни“.

Тој во писмото, исто така, оценува дека постапката за негово разрешување претставува државен удар.

Меѓу другото, тој ветил дека ќе се обиде да ги седне на маса премиерот и лидер на владејачките социјалисти, Еди Рама, и лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, за да најде решение, и ако успее ќе побара од опозицијата да се откаже од протестот што треба да се одржи на 21 јуни.

Фото: EPA-Malton-Dibra

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...