До втори јули ќе се санира мостот на реката Серава

498

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи за реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава, на булеварот Никола Карев, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.

Санацијата на мостот се изведува во летните месеци поради очекуваната помала фреквенција на возила во градот, а поради природата на работите и градежните материјали што се употребуваат сообраќајот на оваа делница се одвива отежнато.

Последната реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава била направена во 2006 година. Екипите на Градот Скопје ја почнаа реконструкцијата за да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, односно да не настане поголемо оштетување на конструктивните елементи на мостовската конструкција, имајќи предвид дека дилатационите фуги на овој мост подолго време беа оштетени.

Мостот на реката Серава е на сообраќајница која е оптоварена со патен сообраќај и е врска со магистралниот пат кон Република Косово, односно е делница по која минуваат тешки товарни возила поради што мостот претрпува дополнително оптоварување.

Во текот на градежните работи, на мостот се изведува бетонирање со МБ – 40 и поставување арматура со високи карактеристики. По бетонирањето е потребно време за таканаречено „созревање“ на бетонот, односно постигнување на неговата цврстина. Тој процес, според важечките прописи и стандарди трае 28 дена, додека бетонот не ја достигне бараната цврстина. Реконструкцијата на овој мост е планирано да се изврши во рок од 60 дена, но поради процесот на зацврстување на бетонот (28 дена) градежните активности на терен се изведуваат само во текот на 4 дена.

Бетонирањето се врши на двете коловозни ленти засебно, односно, прво се затвора едната коловозна лента додека другата е во функција и се чека потребната цврстина на бетонот да ја постигне бараната вредност. За тоа време во тек на 28 дена по едната коловозна лента не се одвива сообраќај и не се одвиваат и други градежни активности. По постигнувањето на бараната цврстина на бетонот се поставуваат анкери и се затегаат до потребната сила. Потоа, истата постапка во тек на 28 дена се повторува и по другата коловозна лента.

Рокот на изведба на оваа реконструкција согласно со договорот и проектната документација е два месеца, односно до втори јули 2019 година.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...