Боларис: Може да се најде решение и за црковното прашање

388
FOTO MIA

Со преговори и разговори во кои би учествувале и српската и вселенската патријаршија, може да се најде решение и за црквата на Скопје, вели заменикот министер за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис во интервју за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

– Мислам дека и за црквата што постои во Скопје, која што беше под силната историска Охридска архиепископија, со разговори и преговори што ќе бидат на црковно ниво, а во кои во секој случај треба да учествуваат и српската и вселенската патријаршија, може да се најде решение, сигурен сум. Од моментот кога запре пропагандата, ненаучната и антигрчката, отворени се патиштата и за овој народ да се интегрира во Европската унија и да биде наш партнер и да влезе во НАТО, да биде наш сојузник и ние, на нашата северна граница да бидеме мирни, без да имаме интервенции и оспорувања од страна на Турција – вели Боларис.

Заменикот МНР на Грција, кој воедно го предводеше грчкиот тим во Комитетот за учебниците, во интервјуто вели дека проблемот во минатото за кое Грција била лута „беше провокацијата и оспорувањето на објективноста на историјата и ненаучната, неисториска и неакадемска пропаганда која беше главната причина за тензијата што постоеше меѓу двете земји и меѓу двата народа“.

– Од момент кога овој народ во Скопје отстапува од пропагандата што е на наша штета е апсолутно јасно дека се отвораат нови перспективи за да можеме да разговараме со нив, да соработуваме со нив на ниво на православни христијански народи – вели заменикот министер за надворешни работи на Грција, пренесе МИА.

Боларис во интервјуто за грчката државна телевизија го пренесе неговото размислување по последните случувања на релација Грција- Кипар- Турција и влијанието на Договорот од Преспа.

– Денес воздушниот простор на Северна Македонија, на Скопје го контролираат, одговорноста ја имаат грчките Ф16. Пред договорот во овој процес беа турски борбени авиони. Сакам да кажам дека кога постои надворешна политика што е во тек важно е да го гледаме целиот спектар на интересите и да не се фокусираме само на една област. Договорот што беше потпишан, меѓу другото беше и договор што го покрива грбот на земјата во случај да имаме интензивни проблеми што кулминираат со Турција – вели Боларис.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...