Еснаф луѓе, мудри и разумни ни требаат

Потребни ни се луѓе на кои ниту функцијата, ниту парата не можат да им ги одземат скромноста и алтруизмот, луѓе без комплекси кои цврсто газат на земја и веруваат во идеали.

1306

Македонија функционира по инерција. Како кола со расипан мотор и без кочници, пуштена низбрдо. Се движи шантраво и без контрола. Ниту може да се управува, ниту да прикочува.

Во неа качени сите ние, во надеж дека некакво чудо ќе направи моторот да проработи, а кочниците да почнат да кочат. Сами од себе. Иако сме свесни дека тоа е невозможно, дека е потребен ремонт.

А ремонт се прави откако колата ќе се паркира во гаража и ќе се расклопи, а не во фаза на возење. И откако ќе се расклопи и поправи, ќе треба да им се отстапи на фиљан луѓе кои ќе знаат да ја управуваат и да ја чуваат исправна, а не на параспури и на ебиветри. И не на ликови кои ни ја навредуваат интелигенцијата. Оти такви се изнагледавме три децении.

Еснаф луѓе, мудри и разумни ни требаат. Луѓе спремни да направат остри резови, без калкулации и без премислувања.

Ни требаат луѓе чесни и честити. Луѓе на кои ниту функцијата, ниту парата не можат да им ги одземат скромноста и алтруизмот, луѓе без комплекси кои цврсто газат на земја и веруваат во идеали. Луѓе кои откако ќе се пензионираат ќе одат да си ја работат бавчата во село, а не да се возат на јахтата во Егеј.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...