Судството мора да биде ослободено до стегите на политиката. Владата секогаш ќе биде на позицијата на поддршка на строгата поделба на трите столба на власта, порача премиерот Зоран Заев на одбележувањето на Денот на правосудството во Скопје.
– Застапник сум на концептот за зачувавање на интегритетот на судиите и на нивната независност. Самостојни и независни судии се истовремено јавното лице на правдата. Тие се чувари на владењето на правото – рече Заев и на судиите им порача дека од нив, граѓаните, очекуваат да бидат чувар на правдата затоа што нивните одлуки имаат сериозно влијание врз животот на граѓаните.
Според Заев, корупцијата ги поткопува темелите на државата, ги разнишува институциите и им се заканува со нивно распаѓање.
– Република Македонија се соочи со една таква закана, правосудството беше оттргнато од рацете на Јустиција и беше фрлено во рацете на политичката моќ. Врвен приоритет е создавање услови за целосна рехабилитација на правосудниот систем. Интегритетот останува личен влог на секој од судиите да биде вграден во новото лице – рече Заев.