Движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС системот и досега не се забележани случаи на доделување предмет на рака, покажал годишниот надзор над функционалноста на АКМИС системот спроведен од работната група на Министерството за правда.
Заклучните согледувања од надзорот над функционалноста на АКМИС системот, беа претставени денеска во Скопје на конфернеција „Право на независен и непристрасен суд – Автоматска распределба на предметите – АКМИС систем, Закон за управување и движење на предметите“, организирана од Министерството за правда со поддршка од Американската амбасада.
Министерката за правда Рената Дескоска, рече дека со преземените реформи во правосудството е воведен задолжителен редовен надзор над функционалноста на АКМИС системот од страна на Комисија во која учествуваат судии, информатичари, администрација и надворешни експерти.
Досега комисијата извршила увид во функционалноста на АКМИС системот во осум од 16 судови и тоа во Управниот суд Скопје, во Вишиот управен суд, во Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Основниот суд во Кавадарци, во Кавадарци, во Куманово и во Тетово.
– Од извршениот увид досега генерално се заклучи дека движењето на предметите во судовите се врши преку АКМИС системот, распределба и прераспределба на предмети се врши електронски и не се забележани случаи на доделување предмети на рака. Дека судиите редовно вршат прием на предмети електронски и изземање судии се врши по законска процедура и врз законски основи – истакна Дескоска.
Надзорот, истакна Дескоска, покажал одредени проблеми што треба системски да се решаваат, но дека во сите проверени судови АКМИС системот се користи непречено за распределба на предметите и функционирање.
– Во тек е изготвување нов закон за управување со движењето на предметите во судовите со кои се зајакнуваат механизмите за автоматска распределба на предметите, се врши прецизирање на надлежностите на телата и органите задолжени за примена и контрола на АКМИС и на законски основ се прецизира задолжителноста на користењето на Автоматизираниот систем за управување со предметите во судот – истакна Дескоска.
Посочи дека во новиот закон е потребно превенирање и заштита од можноста за повлекување и поднесување постапки од ист адвокат со цел таргетирање на конкретен судија што ќе биде распределени преку АКМИС системот.
Според Дајана Палетин, политички офицер при амбасдата на САД, Европската комисија во последниот извештај наведува дека Министерството за правда мора да обезбеди целосна и независна функционалност на АКМИС системот.
– Правото на судење од независен и непристрасен суд е гарантирано со европскиот суд за човековите права. Важна гаранција за независноста на судството е процесот на електронска распределба на предметите меѓу судиите. Алокацијата на судските предмети мора да биде врз основа на претходно утврдени и објективни критериуми без политичко и друго влијание. Јакнењето на АКМИС системот е еден од главните чекори за градење транспарентно судство што ја ужива довербата на граѓаните – истакна Палекин.
Посочи дека носењето и менувањето закони често е полесниот дел од работата и останува предизвикот за нивно спроведување.
Судијата Лазар Нанев, кој зборуваше за АКМИС системот, посочи дека не може да се замисли транспарентен, ефикасен и независен судски систем без функционален АКМИС систем и дека него го сочинуваат електронските записници, автоматската распределба на предметите, електронската достава, судските одлуки, тонското снимање и внесувањето екстерни документи.
– АКМИС системот претставува крвоток што содржи 85 регистри на предмети, 99 видови предмети, иницијални акти и видови категории, 29 видови процеси, 1575 основи, 92 видови причини за одбивање поднесок, 69 причини за запирање на постапката и 30 причини за прекин. Дефинирани се 33 типови на правни лица, 39 учесници на предмети, 1236 податоци со имиња на адвокати, нотар и медијатори. Или преку 8.000 функции во АКМИС системот – изјави Нанев.
АКМИС системот првпат почнува да се користи во 2006 година во апелациските судови во Скопје и Кавадарци и досега се направени 33 корекции.