Вредело, имајќи ги предвид придобивките, изјави премиерот Зоран Заев по повод една година од Преспанскиот договор, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Криволак каде се одржува Ден на високи гости во рамки на вежбата „Одлучен удар“.
– Денеска, 17 јуни, една година од Преспа, прво добивме нов пријател. Не дека со Грција имавме некои сериозни непријателства, но навистина беше чувството лошо, горко, кога бевме застанати во нашите интегративни процеси. Еве после една година првите придобивки ги гледаме како импликации на оваа вежба, во нашата подготовка, заради после неколкумесечното целосно членство во НАТО. Тоа е голема стратешка цел на нашата земја, на целиот овој регион, на Република Северна Македонија која што не пред векови, туку пред 17-18 години имаше конфликти. Тоа значи траен мир, стабилност, безбедност и сигурност – рече Заев.
Тој додде дека паралелно со тоа се водат сите процеси во Европската унија и дека сме пред добивање датумот после 15 години за почеток на преговори со Европската унија.
– Сето тоа носи економија, носи повисок стандард, бројките се веќе импресивни, тие растат и ќе продолжат да растат. На крајот доказ е сето тоа како еден сублимат. Договорите дефинитивно куќа градат. Ние преку тоа ја градиме нашата заедничка куќа Република Северна Македонија Во која сите ќе останат овде. Кадешто ќе живеат заедно организирајќи го својот живот со своите деца. Животот едноставен и еден мора да го направиме да биде подобар, попримамлив и посреќен за сите – потенцира премиерот.
Оцени дека една година со сите успеси што се постигнати, на економски план, на планот на НАТО, на планот на Европската унија, на планот на реформите дома, навистина, како што рече, покажуваат дека вредело. Вредело заради тоа што сите сме фокусирани кон подобра иднина на нашите граѓани.