Не спорам со никого дека Гоце Делчев и најголемиот дел од револуционерните дејци од крајот на 19 и почетокот на 20 век, се декларирале како Бугари. Тоа е историски факт што не може да се побие. Може да се толкува, но не и да се негира.
Го кажувам ова без предрасуди, соочен со вистината некаде во раните деведесетти години на минатиот век, после долгите децении лаги на нашата комунистичка историографија.
Но, има и еден друг историски факт што не може да се негира. И Гоце и сите револуционери од таа генерација, се борат за некаков облик на самостојна (автономна, федерална, независима) Македонија, ослободена од ропството во Отоманската империја.
За Крстета Петков Мисирков, веројатно најголемиот македонист од таа генерација револуционери за која зборуваме, исто така задоцнето дознавме дека се декларирал како Бугарин. А целиот живот работел на кодификацијата на посебниот македонски јазик и за признавање на самобитноста на македонскиот народ.
Зошто Делчев, Мисирков и многу други дејци, едноставно, не се бореле за присоединување на територијата на Македонија (западна Бугарија?) кон матицата Бугарија? Не е ли логично тоа да се очекува од убедени и благонадежни Блгари?
Еден пријател за ова вака коментира (на бугарски јазик): Ште ви отговорја с’с с’временен пример и вие ште си го разберете. Погледнете на север от вас, Косово, и си задајте в’проса зашто УЧК не се бореше за сединение на Косово с Албанија, а за независимо Косово. Та нима Косоварите не са Албанци?! Ако успеете да си отговорите, а вие сте интелигентен човек, ште си отговорите и на в’проса зашто Б’лгарите Гоце и ВМРО не са се борили за с’единение на Македонија с Б’лгарија, а за автономна/независима Македонија.
Хм… Примерот е добар, обаче не е сосема точен. Имено, соединувањето со Албанија (проектот „Голема Албанија“) е дел од „идеолошкиот“ наратив на проектот за создавање на независната држава Косово. За жал или за среќа, геополитичките околности на преминот меѓу двата милениума не се погодни за вакви големодржавни проекти.
Сосема обратно, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, геополитиката му оди на рака на проектот „Голема Бугарија“. Не само што се водени една регионална и две светски војни, во кои Софија се обидува да ја оствари таа цел, туку во еден кус период Санстефанска Бугарија е и историска реалност.
А сепак, иредентизмот во никој случај не е составен дел на борбата на Делчев и на другите борци за македонската кауза во овој период. Без оглед што безмалку сите се декларирани Бугари. Зошто? Како да се објасни оваа контрадикција?
Јас мислам дека нештата се многу едноставни. Без да ве заморувам со непотребни експликации, само ќе кажам дека овие наши декларирани Бугари (Гоце е и езгархиски учител, еден од многуте такви) се малку поразлични Бугари одошто ги претставуваат негаторите на македонската самобитност.
Како и да е, тврдам дека македонизмот не е јаблоко на раздорот меѓу постарата бугарска и помладата македонска нација. Напротив, тоа е алката што нѐ спојува, тоа е смислата и „најромантичниот дел“ на нашата заедничка историја, нешто со што и Софија треба да се гордее.
Бидејќи не е сосема случајно тоа што моштите на егзархискиот учител Делчев после Втората светска војна од Бугарија се пренесени во Македонија. И воопшто не е случајно тоа што Бугарија прва ја признава самостојноста на Република Македонија, а легендарниот Жељу Желев е нашиот прв голем лобист, чија неспорна заслуга е што и моќната Русија ја признава новата самостојна македонска држава.
Ништо не е случајно, пријатели скапи!
Затоа, наместо непотребни кавги помеѓу политиците од Софија и од Скопје, јас мислам дека делото на Гоце Делчев и на многубројните борци за македонска независност е причина повеќе двете држави плодно и интензивно да соработуваат. Од мене, од луѓето на мојата генерација и особено од луѓето од помладите генерации, тешко ќе се создадат „благонадежни Блгари“, но гледам дека расте желбата за искрено зближување меѓу двата народа, што навистина многу ме радува.
Во тоа име, ги поздравувам моите сѐ помногубројни бугарски пријатели. Со радост ги очекувам нашите средби ова лето на Белото Море, на Рила, ама и во Охрид.