Со задоволство ја прифатив поканата од генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, да се вклучам како советник во неговиот тим кој ќе има задача да го подобри функционирањето и да придонесе за отварање и демократизација на партијата и на општеството во целост, се пофали на Фејсбук Замир Мехмети од Шарената револуција и брат на експратеничката на ДУИ Ермира Мехмети.
– При моето одлучување, тргнав од премисата дека секоја единка треба да ја прифати одговорноста и своите капацитети максимално да ги вложи за да придонесе во идеите во кои верува. Јас бескомпромисно верувам во концептот „едно општество за сите” и со прифаќањето на оваа понуда ја преземам обврската лично и директно да учествувам во зајакнување, растење и развивање на оваа, за мене, револуционерна идеја. Во меѓувреме, како и до сега, останувам посветен на принципите за правда, еднаквост и слобода како главни постулати на секое праведно општество, напиша Мехмети.