Во текот на изминатиот викенд на подрачјето на Скопје сопрени се 354 возачи кои возеле со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 131 возач од кои: 49 возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 69 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и 13 возачи затоа што биле возачи-почетници.
Исто така, исклучени од сообраќај се и 73 возила поради истечена важност на сообраќајната дозвола. Санкционирани се 10 возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, еден возач поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, двајца возачи поради неправилно престигнување, 32 возачи на моторцикли поради неносење заштитен шлем, 14 возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 27 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило.
Санкционирани се тројца пешаци поради поминување коловоз вон пешачки премин и тројца пешаци поради поминување коловоз на црвено светло.
Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје спроведе акциска контрола за откривање на прекршоци што ги прават возачи на мотоцикли на територијата на Скопје, при што откриени се 24 возачи кои сториле прекршоци. Откриени се и 55 останати прекршоци за кои се издадени 38 мандатни платни налози и 17 прекршочни платни налози.