Чекајќи метеор да падне…

4184

Да прашам, срамежливо, ако смеам: Дали е влезот на оваа држава во ЕУ работа само на власта? Оти, за НАТО видовме. Барем за ЕУ малку помош?!

Може ли опозицијата, освен што седи на маргините и по цел ден само јаде гурабии за домашна употреба, наместо тоа, преку своите толку фалени, влијателни партиски меѓународни соработки и советници, да помогне кај Меркел и Макрон, кај овие нивни идеолошки партнери, за побрзо добивање датум за преговори? Лидерот на опозицијата, на пример, да ја информира јавноста дека вчера телефонски разговарал со германската канцеларка или со францускиот претседател – или, еве, со нивните советници за надворешна политика, да речеме, или барем оние за хортикултура – на кои им ја пренел заложбата (Северна) Македонија што побрзо да добие датум за преговори? Макар со Орбан да се чуле, тој сигурно ќе им кренел?! Или на колегите Мицотакис или Борисов да им свртеле, па и да се виделе, ене ги кај се, да изеделе по еден бранцин или од поголемите бугарски ќебапи заедно, за да разменат мисла за некаков датум…?

Ништо од тоа. Нон-стоп нè трујат дека крајот на светот само што не дошол и слични катастрофични прогнози. Севкупната политика им се сведе на едно-единствено прашање: како да го снема СЈО!

„Заев е на колена и во сопствената кал“, вели Мицкоски, кој има искуство со паѓањето на колена. Заев, пак, веројатно со таа кал на чевлите, го примија на сите врати низ светот на кои чукна.

Најново: од опозицијата велат дека се подготвени за парламентарни избори и утре ако се закажат. И тоа го повторуваат истите кои изгубија неколку избори по ред. Таму ни прегорена сијалица не смениле откако паднаа од власт и си замина Грујо.

Ве поздрави Фич. И порача: „Бидете така, се гледаме за дваесетина години кога ќе дојдете на власт!“

Шега на страна – вака нема да дојдат на власт ни по дваесет години – фактот што ВМРО-ДПМНЕ не само што не се реформира, туку дигресира во своите демократски капацитети, „удавена“ во 19-то вековниот светоглед, станува проблем за иднината на целата држава.

Можеби на СДСМ му одговара тоа што ВМРО-ДПМНЕ е потоната во сопствената груевистичка кал, но тоа, без трунка лицемерие, не ѝ одговара на севкупната политичка клима во државата. Опозицијата ни е политички дезориентирана, меѓународно маргинализирана, правно матирана, финансиски фалирана, со слабо колективно раководство, без суштински кадровски освежувања и без можност за сериозна антиципација на развојот на настаните – буквално сите предвидувања излегоа погрешни. Тоа ја прави зависна од политичката догма и од парите што доаѓаат од Будимпешта и од други „неквалитетни“ извори, со постојано ескалиран, агресивен речник сведен исклучиво на навреди и дисквалификации за опонентите. Канта-тропа пропаганда, по цел ден!

Мора да е многу фрустрирачки, со потполна политичка парализа, да чекаш да дојдеш на власт само на грешките на противникот или, евентуално, ако падне метеор врз зградата на владата. Не е јасно како тоа СДСМ, од позиција на власт, има потреба да се реформира и менува, а ВМРО-ДПМНЕ после секои загубени избори излегува со поголема прослава од претходната?! Не е политика само да се грее столчето и по цел ден на Фејсбук да се маваат лајкови!

Заев објави дека опцијата за предвремени парламентарни избори е симната од дневен ред. Еве шанса, во наредните десетина месеци, ВМРО-ДПМНЕ навистина нешто со себе да направи, да мрднат од мртва демократска точка.

За почеток, на пример, може да свртат на телефонот на канцеларијата на Меркел во Берлин (+30182722720), таму има човек од понеделник до петок од 8-18 часот, и да замолат, во име на македонската опозиција, земјава што побргу да добие датум за преговори. Ајде, дувнете малку ветер во едрата на Татковината!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...