Сите овие 25-30 години наназад не успеав сосема да сфатам за што, всушност, се залага Филип Петровски во политиката на македонската десница? Во британската фудбалска Премиер лига нема толку дресови колку што Петровски ги промени на македонската политичка сцена, идеолошки и партиски тетеравејќи се од десно кон подесно и назад кон десно; па малку подесно, пред да сврти десно. Од толку интензивно, дервишко вртење накај десно, на крај самиот ќе си се престигне и ќе си се удри во сопствениот задник.
Има кај него некаква детска, кавгаџиска, деструктивна интелигенција – човекот не е глупав, секако – веројатно некаква младешка фрустрација, која не може да ја издестилира во консруктивна политичка акција за време на сите овие години. Партиските другари од младоста (Георгиевски, Ѓорчев, Милошоски, Груевски…), сите направија далеку побележити политички кариери од него (иако на некои од нив таков им е и крајот!), додека тој десетина пати се караше и се миреше со разни сопартијци, те на власт, те во опозиција. Се стекнува впечаток дека кај него нема цврста идеологија, туку повеќе се работи за некаков личен однос, извесна завист кон политички поуспешните, живеејќи во постојан грч дека нему сè нешто му следува, а неправедно, никако да го добие. Како да е во една бескрајна чекалница во која расипаниот часовник не мрда од пет до дванаесет, а Петровски е единствениот кој тоа не го забележува.
Можеби е време да му стане јасно дека никогаш нема да биде избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ? Можеби ако со тоа се помири, ако во таа смисла порасне, малку повеќе ќе си помогне и себеси и на окружувањето кое, во различни состави, е постојано жртва на неговото превисоко мислење за себе.
Ми се чини дека дел од причините за тоа лежат и во неговата постојана опседнатост со заговори, со тајни досиеја, со архивски материјали, со „реалности“ кои тој ги разбира, а другите не можат да ги видат, бидејќи не се посветени во алхемијата на конспиративната политика. Филип го има тој менталитет на шуш-буш конспиратор.
И покрај неговото политичко искуство – или, можеби, токму поради тоа – Петровски како да не разбра дека во политиката највисоко дотуркуваат оние кои работите ги третираат поапстрактно, дури и со извесна префинета, самоспасителна доза на игноранција за реалната поставеност на работите и за стварниот однос на силите. Ако се заморувате со сите озборувања, со сите „длабоки тајни“ на актерите и нивните комплексни релации и потенцијални „дупли игри“, веројатно можете да бидете добар аналитичар, вешт советник-комбинатор; но за добар политичар, за лидер, треба едно ниво на воопштеност кое потенцијалните поддржувачи ќе ги поштеди од постојаната потреба да ги споделуваат вашите секојдневни конфронтации и конфликти во светот на искршените политичко-безбедносни огледала на балканската политика.
Со други зборови, жал ми е да кажам, но аспирантите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ нема многу ќар да видат од осојузувањето со Филип Петровски, бидејќи тој не е во потрага по реформи, туку по власт во матичната партија. Тој наскоро во таа иницијатива ќе ја узурпира говорницата од Јове Кекеновски и од останатите продемократски активисти, и ќе почне да ја користи за свои лични политички потреби и интереси. И најдобронамерните прогнозираат кавга во тие редови за најмногу два-три месеци од сега.
Филип Петровски е таков, нема тука што многу да се прави. Како дете кое не може да порасне, во дејност за возрасни. Заглавен во политичката чекалница со расипан ѕиден часовник.