Трамп: Економијата ќе крахира, ако не добијам втор мандат

Трамп планира да биде кандидат за претседател на САД на Републиканската партија и да се бори за втор претседателски мандат на изборите следната година.

284
EPA-CHRIS-KLEPONIS

Американската економија може да доживее невиден крах, ако јас не бидам реизбран на функцијата на претседателските избори во ноември 2020 година, оцени претседателот на САД, Доналд Трамп.

„Економијата на Трамп постигнува рекорди и во иднина не чекаат уште многу… Но, ако некој друг, наместо мене, победи на изборите во 2020 година, тогаш ќе настане крах на берзите, каков што не сте виделе претходно. Да ја зачуваме Америка голема“, објави Трамп на Твитер, без да прецизира за какви „рекорди во економијата“ станува збор.

Трамп планира да биде кандидат за претседател на САД на Републиканската партија и да се бори за втор претседателски мандат на изборите следната година. Од друга страна, во трка за демократски претседателски фаворит се десеттина кандидат, меѓу кои за најсериозни важат поранешниот американски потпретседател Џо Бајден и сенаторот Берни Сандерс.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека и Бајден и Сандерс се попопуларни меѓу Американците од Трамп.

Така, според последната анкета на „Политико“ и „Морнинг Кансалт“, во случај на дуел Трамп-Бајден, за поранешниот потпретседател би гласале 44 отсто од испитаниците, а за актуелниот претседател 33 проценти.

Во случај на претседателска трка меѓу Трамп и Сандерс, за сенаторот од Вермонт би гласале 42 отсто од анкетираните, а за актуелниот станар на Белата куќа – 32 проценти.

И во двата случаи, околу една четвртина од испитаниците изјавиле дека не знаат за кого би гласале.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...