Го гледав некни одбележувањето на 75-годишнината од славниот „Ди деј“ и започнувањето на Битката за Нормандија, што западните сојузници ја водеа против германските окупациски сили во Франција. Секоја чест на организаторите и домаќините во Портсмут за прекрасната церемонија, во која учествуваа дури 300 ветерани на деведесет и кусур годишна возраст. И овој пат, како и секогаш кога ќе ги здогледам старините во униформи што им стежнале од воени ознаки и медали, ми се стегна грлото, и збунети, пресолени од почит солзи ми ги наполнија очите. До земја им се поклонувам на преживеаните ветерани, но од година во година треперливите чувства сѐ повеќе ми ги затскрива огромна сенка создадена од лажната приказна за значењето на Битката за Нормандија и Западниот фронт за ослободувањето на Европа од Хитлеровата окупација.
Имено, веќе со секое јавно спомнување на Нормандиската кампања се додава дека со „Ди деј“ започнало ослободувањето на Европа и дека е тоа клучниот пресврт во Втората светска војна и победата над фашизмот. Да, веќе и децата знаат дека Европа од фашизмот ја ослободија армиите на САД, Велика Британија и Франција, и тука не би имал никакви забелешки, да не постоеше еден финесен проблем во оваа нова „историја“, а тоа е дека се работи за историска невистина и студеновоена пропагандна лага.
Секако, не може да се оспори огромната психолошка улога на Нормандиската кампања и истоварувањето на сојузниците во Франција, но од чисто воен аспект – а, ќе признаете, се работи за најголемата од сите војни – сојузничкото истоварување на плажите на Нормандија и тримесечната кампања во длабочината на Франција имаа минорен учинок во победата над Хитлеровите армии. А, вистината, која е безмалку невозможно да се чуе на ниту еден „слободен“ и „независен“ медиум на западната хемисфера, е дека во времето кога се случи Нормандиската кампања, советската Црвена армија веќе ја беше победила Хитлеровата солдатеска, а ослободувањето на Европа беше било одамна започнато – уште од сопирањето на германската офанзива под Москва, во декември 1941. Конечно, целата Втора светска војна на европскиот континент се водеше (90 отсто од сите воени дејства во војната) само на Источниот фронт, и тоа помеѓу Рајхот, заедно со неговите европски фашистички сателити од една страна, и Советскиот Сојуз од друга.
Смртта никогаш не лаже!
Ако се сомневате во моиве зборови – зашто факт е, живите лажат – загинатите војници на двете завојувани страни се верни сведоци за суровата воена вистина. Колку и да е одвратно пребројувањето на загинатите, што е сепак некаков вид сквернавење на светоста и мирот на жртвуваните млади животи, ќе заталкам во таа темница, почитувани читатели, зашто смртта никогаш не лаже! Значи, во битките на самиот „Најдолг ден“ сојузниците имаа 4.414 загинати војници, Германците околу 1.000, а француските цивилни жртви од бомбардирањата достасаа до бројката од 3.000. Вкупните воени загуби во загинати во акција за целото напредување на сојузниците, значи за целокупното „ослободување“ на Европа, од 6 јуни 1944 до капитулацијата на Германија во мај 1945, изнесуваа околу 196.000 на страна на сојузниците и 263.000 од страна на Германците. Од друга страна, само во битката за Москва, есента и зимата 1941, Германците загубија безмалку еден милион војници, а Советите двојно повеќе! Само во битката за Сталинград загинаа околу еден милион војници на двете страни, а вкупните бројки на загинати на Источниот фронт во целата војна се безмалку шест милиони војници на Црвената армија и повеќе од четири милиони германски војници. При споредбата на овие ужасни бројки, при соочувањето со оваа девастирачка вистина, и боговите би требало да наведнат глави и да замолчат, и да ги признаат скромните размери на сојузничкото учество во победата над Хитлеровата Германија. Но, вистината веќе никому не му е важна, а загинатите се денес оставени да почиваат во спокојот на вечноста, прекриени од пластовите на срамни лаги што ја негираат и самата смисла на нивната жртва.
Прашањата на Џорџ Орвел
Овие мрачни мисли, почитувани читатели, не ги споделувам со вас за да одговорам на прашањето зошто лидерите на слободниот свет, денес, со сите медиумски и образовни, пропагандни и идеолошки средства, ја шират и ја одгледуваат оваа срамна лага, врежувајќи ја во мозоците на човештвото инверзната вистина за Втората светска војна. Не, на прашањето „зошто“ е безмалку невозможно да се одговори, освен ако не се посегне по мислите на еден од најголемите уметници на мислата и зборот, мајсторот за препознавање и дефинирање на тоталитаризмот – Џорџ Орвел. Во култната „1984“, неговиот глас зборува за повторното измислување на историјата: „Минатото не се менува само еднаш, туку тоа се прави непрекинато. Најмногу го мачеше – и тоа, на некој кошмарен начин, тоа што никогаш јасно не разбрал чуму е тој огромен систем за мамење на луѓето. Непосредните предности од фалсификувањето на минатото беа очигледни, но крајниот мотив не можеше да се долови. Тој повторно го зема перото и напиша: Јасно ми е КАКО; не ми е јасно ЗОШТО.“ Понатаму во романот Орвел одговара и на ова прашање: „Кој го контролира минатото, ја контролира и иднината; кој ја контролира сегашноста, го контролира и минатото.“
Всушност, се работи за севременската, универзална и дистинктивна дефиниција на тоталитаризмот – системот на владеење што си поставил за цел да ги контролира и човечките мисли. И, тоа е суштинското својство според кое тоталитаризмот можете да го препознаете: онаа власт што ќе одлучи тотално да го контролира минатото и да им ја вградува својата лажна историја како единствена вистина во главите на луѓето, тој систем е по дефиниција тоталитарен. Знам, изгледа контроверзно земјите глобални лидери на демократијата и либерализмот, еманципаторите на универзалните човечки права, да манифестираат тоталитаризам, и тоа во неговата радикална форма?! Како е тоа можно… или зошто?