Груевски до Заев: На памет не ми паднало да влегувам во багажник за било какви цели

Заминав бидејќи во Македонија се водеа политички мотивирани процеси против мене во кои што однапред се знаеја пресудите нарачани од него лично, иако не постоеја никакви правни аргументи, никакво сторено кривично дело а според тоа ни докази.

871

Поранешниот премиер, а сега бегалец во Унгарија Никола Груевски ја демантира на својот фејсбук профил изјавата на премиерот  Зоран Заев во врска со неговото бегство во Унгарија.

Груевски вели дека не му паднало на памет да бега скриен во багажник.

„Јас знам дека во животот на памет не ми паднало да влегувам во багажник за било какви цели. Вистината ја знае и Заев. Заминав бидејќи во Македонија се водеа политички мотивирани процеси против мене во кои што однапред се знаеја пресудите нарачани од него лично, иако не постоеја никакви правни аргументи, никакво сторено кривично дело а според тоа ни докази. Заминав бидејќи во затворот ми подготвуваа линч. Вистината е дека заминав многу лесно и едноставно, а тој пред некој ден потроши четвртина од емисијата за отчет говорејќи за мене и како сум заминал, со лажење и фантазирање. Па потоа почна да го лаже и светот преку меѓународните медиуми“, пишува Груевски.

Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека се знае како Груевски избегал од земјата.

– Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило, рече премиерот Заев.

Тој во интервјуто првпат откри детали од бегството на Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации. Заев тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.

Груевски избега во Унгарија откако беше осуден на казна затвор за случајот со набавката на луксузниот мерцедес.  Тој таму доби политички азил.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...