Независниот синдикат на полицијата (НСП) тврди дека во континуитет продолжуваат притисоците и заканите за преместување на нивните членови од работните места во МВР, како и притисоците за напуштање на членството во синдикатот и кон највисоките структури на НСП и бара од премиерот „метлата“ да заигра во МВР.
– На почетокот сметавме дека ваквите притисоци се одговор на инсталации кои не сакаат позитивни промени во Министерството, но од денешна гледна точка се повеќе сме свесни дека целта е растурање и целосно контролирање на Синдикатот. За ова повеќе пати апелиравме, но се уште се водат неосновани постапки против нашите претставници со притисоци од страна на највисоките структури спрема НСП кои продолжуваат, а не запираат и притисоците за отчленување на наши членови – рече портпаролот на НСП Дејан Саздов на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека веќе се донесени правосилни судски одлуки во корист на нивните членови кои неправилно биле преместени од своите работни места и праша зошто МВР не постапува по судската пресуда и се оградува од барањата на НСП за репрезентативност. Побара од МВР да одговори на нивното барање за репрезентативност во спротивно најави дека Министерството ќе се соочи со кривична одговорност.
– Од премиерот бараме „метлата“ да заигра по доставување на доказите за незаконско работење и постапување на актуелното раководство на МВР и правдата да биде задоволена, а дадениот збор одржан. Одговорност во највисокото раководство на МВР мора да има – потенцира Саздов.
Тој посочи дека во последно време со невиден притисок од највисоките структури во МВР се соочува и генералниот секретар на НСП.
– Свесни за сите недоследности околу кршењето на работничките права почнувајќи од највисоките структури во МВР денеска донесовме заклучок гласот да допре до сите надлежни институции, а посебно до Трудовиот инспекторат и Јавното обвинителство за да се спроведе ревизија и истрага за сите досегашни донесени решенија од актуелното раководство во МВР за прераспоредување и унапредување во Министерството. Правдата ќе ја бараме и ќе ја истераме до крај. Ако не постапи МВР ќе го известиме евроамбасадорот, народниот правобранител, како и европските и светските синдикати – рече Саздов.