Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе отвори нова регионална канцеларија на резидентен претставник за зајакнување на односите со Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија. Со седиште во Виена, новата канцеларија ќе помогне во одржувањето на блиски релации со четирите земји, како и со донаторите, меѓународните институции, вклучувајќи ја и Светска банка и австриската Влада, која е важен трговски и развоен партнер на регионот на Западен Балкан.
Новата канцеларија ќе биде раководена од Стефани Ебле, која во моментов е шеф на мисијата на ММФ за Косово. Ебле претходно работела на Украина, Грција, Србија и Босна и Херцеговина. Таа ќе ги надгледува локалните тимови во постојните канцеларии во Албанија, Косово и Северна Македонија, кои ќе продолжат со работа и понатаму, се наведува во соопштението на ММФ.
Србија и Босна и Херцеговина, кои имаат активни програми со ММФ, ќе останат со свои претставници.
– Оваа нова канцеларија во Виена ќе биде важен дел од нашите тековни односи со овие четири земји, бидејќи тие се стремат кон пристапување во Европската унија – изјави заменикот на главниот директор на ММФ, Тао Џанг, по состанокот со гувернерот на австриската Народна банка, Евалд Новотни и Харалд Веиглаин, генерален директор во Министерството за финансии, во Виена.
Тој додаде дека поставувањето на канцеларијата како регионална е финансиски оправдано и му помага на Фондот да биде блиску до неговите членки во регионот и водечките развојни партнери.
Канцеларијата ќе започне со работа на есен, а точниот датум дополнително ќе биде објавен.