Нема политика на планина, планинарите од Балканот се собраа на едно место

599

Сто и педесет планинари од целиот Балкан учествуваа на третата Меѓународна планинарска средба „Врв Кадиица“. Планинарската акција беше во  организација на планинарите од Кадиица – Пехчево и туристичкото друштво Планински Орли – Драгалевци Софија.

– Маршутата беше долга околу 22 километри во двата правци. Планинари од повеќе градови низ Македонија, но и од Бугарија и Србија, се сретнаа на врвот Кадиица со цел да уживаат заедно во природата и чистиот воздух. Ние од македонската страна тргнавме во 8 часот, а кај 12 часот се најдовме заедно со нашите пријатели од Бугарија. Планинарската акција ја нарековме „Планина без граници“.Денивелација на маршрутата е 932 метри. Оваа година организацијата од бугарската страна „Планински Орли“ од Софија им ја предаде на „Калабак“ од Петрич – за Плусинфо рече дипломираниот шумарски инеженер и активен планинар, Марјан Митриновски.

Тој додаде дека во план е да биде поднесено барање до Бугарскиот туристички сојуз оваа Меѓународна акција да стане традиционална и да влезе во годишниот календар на активности на БТС.

– Средбата на врвот беше прекрасна и помалку емоционална пропратена со песни и ора околу граничниот камен. Се разделивме со желби догодина да се видиме повторно – додаде Митриновски.

Нагласи дека е подобро кога во планинската идила се ужива заедно со пријатели, дека природата ги зближува сите, на врвот се забораваат проблемите, а шегите и вицевите одлично се вклопуваат во целата приказна и оставаат неверојатни спомени.

Мобилните телефони, додаде тој, се користат само при разделување со природата. Со фотографии да се зацементира магијата која таа ја нуди, се до наредниот слободен ден кога планинарите повторно и се враќаат со еден куп насмевки на лицата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...