Актуелниот министер за животна средина Садула Дураку и банкарот Насер Нуредини, син на познатиот австриски бизнисмен Аки Нуредини по потекло од Камењане, лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе ги стави на маса пред премиерот Зоран Заев како понуда при реконструкцијата на Владата, потврдуваат за Плусинфо високи функционери на ДУИ.
Ова всушност значи дека Ахмети не се согласува на метла на министрите од ДУИ, туку нуди рокада на ресори, а единствениот кој ќе настрада во реконструкцијата од кадрите на интегративците од првиот владин ешалон ќе биде веќе отпишаниот вицепремиер за Рамковниот Хазби Лика.
Дали Заев ќе се согласи со предлогот на владиниот партнер Ахмети практички да нема метла на министри од ДУИ, ќе се знае по средбата на двајцата лидери и одлуката на премиерот, која од опциите ќе остане во игра по неговата изјава од Берлин дека Македонија ќе добие датум во септември.
Дека ќе се оди на рокада на министерства, а не на реконструкција, кога станува збор за министрите од ДУИ најави и вицепремиерот и портпарол на интегративците Бујар Османи.
Тој неодамна за телевизијата 21 изјави:
– Многу наскоро треба да има пополнување на Министерството за политички систем, што подразбира некаков вид рокада за да се пополни тоа место или евентуално да се пополни местото кое ќе биде ослободено. Ова значи дека ќе бидат пополнети две места, од кои едното ќе биде само рокада – рече Османи.
Според функционерите на ДУИ, понудата на Ахмети ќе биде Дураку да биде министер за политички систем, додека Нуредини да седне во фотелјата за животна средина.
Допрва ќе треба да се види дали за Заев е спорно Дураку да остане во владиниот кабинет. Премиерот и во последното интервју демантираше дека најголеми несогласувања со ДУИ предизвикува токму смената на Дураку. Во јавноста на големо се шпекулираше дека камен на сопнување на реконструкцијата е министерот за животна средина.
Но, кој е Насер Нуредини? Според информациите од ДУИ, Насер е син на познатиот австриски бизнисмен Аки Нуредини и зет за ќерка на академикот Абдулменаф Беџети.
Насер е банкар и како што велат функционери од ДУИ воопшто не зборува македонски, слабо знае и албански, а доколку стане дел од кабинетот на Заев ќе комуницира на англиски јазик. Сепак од партијата на Ахмети велат дека иако нема допирни точки со екологијата, тој е млад и успешен и веруваат дека добро ќе се снајде во ресорот животна средина.
На таткото на Насер, Аки пак, лани во Виена му беше врачена титулата Златен медал и Златен крст на честа за служба во Австрија, највисоко призание што го доделува претседателот на оваа земја.
Честа што Виена и Австрија му ја оддаваат на сопственикот на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, кој важи како неформален амбасадор на Македонија во Виена, во практика ја искажуваат благодарноста од поддршката и пријателството што светскиот оперски џет-сет и политичарите го искажуваат кон Аки, кој секогаш сака да потенцира дека е од тетовското село Камењане.
Во март и април лани, неговиот ресторан беше и неформално место за преговорите за името со Грција. Пред, или после средбите во Виена под покровителство на Обединетите нации, министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас поминуваа неколку часови на вечера кај Аки.