Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска пред Советот на јавните обвинители го презентираше шестмесечниот извештај за работата на СЈО и изјави дека членовите на Советот се задоволни од нивната работата
– Поразговаравме за извештајот, за предизвиците на СЈО и за новиот закон за јавно обвинителство. Се договоривме за некои технички работи во врска со новиот извештај. Во суштина тие беа задоволни. Немаше некои посебни недоразбирања. Задоволни се од нашата работа, од постигнатиот успех и од сите предистраги – рече Јанева и додаде дека доколку ја повикаат ќе го презентира извештајот и пред Собранието.
Јанева рече дека прислушуваните разговори кои ги објавува кичевчанецот Шеќерим Ахмети кој на Фејсбук е познат како „Ел Чека“, не се во нивната архива. Обвинителката на прашање дека се ре-објавуваат и стари „бомби“ рече:
– Тие се јавно објавени, може да си ги презема од Ју Тјуб. Сега што да кажам за тие. Ајде поздрав…
Ел Чека кој живее во Америка, пред неколку недели почна да објавува на Фејсбук прислушувани разговори. Најголем дел од „бомбите“ се однесуваат за ДУИ и најтесното партиско раководство.